Канцеларија на Транспортната заедница на земјите од Западен Балкан е отворена денеска во Белград. Таа треба да ја олесни соработката помеѓу шесте држави за подобра ефикасност, пониски трошоци и подобар квалитет на услугите за корисниците на транспортот, преку отворање на пазарите и јакнење на конкурентноста.
На отворањето на канцеларијата присуствуваше министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, заедно со неговите колеги од Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора, како и еврокомесарката за транспорт, Виолета Булц.
Сугарески истакнал дека преку Договорот за транспортната заедница нашата држава ги потврдува заложбите за усогласување на домашната регулатива со регулативата на Европската Унија и во секторот Транспорт.
– Очекуваме дека Договорот за Транспортна заедница на подолг рок ќе ни овозможи подобрена ефикасност, пониски трошоци и подобар квалитет на услугите за сите корисници на транспортот, преку отворање на пазарите и зајакнување на конкурентноста. Нашата држава интензивно работи на секторските реформи за либерализација на пазарите во одделните видови транспорт. Верувам дека Транспортната заедница е од големо значење и во духот на исполнување на нејзините цели и задачи ќе ја зголеми соработката меѓу сите земји членки, рекол Сугарески, соопшти Министерството за транспорт и врски.
Договорот за формирање на Транспортната заедница е потпишан во 2017 година, кога држвава стана полноправна членка. Главна цел на Транспортната заедница, меѓународна организација составена од ЕУ и шесте држави на Западен Балкан, е да ги прошири правилата, принципите и политиките на пазарот за транспорт на ЕУ во земјите на Западен Балкан преку правно-обврзувачка рамка.