Демокрастки сојуз: Правосудните институции и Парламентот да имаат главен збор за СЈО

Демократскиот сојуз укажува дека една од круцијалните причини за формирање на Специјалното јавно обвинителство беше да се гонат сторителите на тешки облици на организиран криминал, при што нелегално снимените разговори да можат да се користат како доказ. СЈО доби силна партиска, меѓународна и медиумска поддршка и стана симбол на институција која ја започна борбата против корупцијата.

При формирањето се знаеше дека е надвор од Уставните и законски определби, без второстепеност и можност за контрола над неговата работа. Во него беа вклучени обвинители, истражители и други стручни лица со високи професионални квалитети и интегритет. Меѓутоа во последната година од таму се одлеваа информации за контроверзни случувања и коруптивни однесувања.

Аферата ,,РЕКЕТ” само ги потврди сомневањата дека првиот човек на СЈО е носител на криминални активности во кој се вклучени и многу други, вклучително и бизнисмени, политичари, новинари, судии итн. Во ваква состојба наместо главниот збор да го имаат политичарите околу иднината на СЈО, треба поактивна улога да имаат правосудните институции, посебно Советот на јавни обвинители и Јавниот обвинител на Македонија, како и Парламентот.

Во оваа насока предлагаме: 1. Да се предвиди законска можност и понатаму нелегално прислушкуваните разговори да се користат како доказ. 2. Започнатите кривични постапки од СЈО да продолжат и понатаму преку Јавното обвинителство. 3. Со новиот Закон за јавно обвинителство да се укине СЈО, а постојните обвинители, истражители и другите вработени по спроведена постапка за нивниот интегритет (Ветинг) да бидат ангажирани на соодветни работни места (Обвинители, истражители и сл.). Инаку корозијата што го зафати СЈО е потврда на поговорката: “Славата ги удри во глава”. За тоа вина сносиме сите и политичарите и медиумите.