Изложба „Боров Дол 2011-2018“ во штипскиот Безистен

Над илјада артефакти се пронајдени на трите археолошки локалитети што беа истражувани од 500 археолози и работници на местото каде што за една година треба да се отвори новото рудно тело Боров Дол на единствениот рудник за бакар и злато „Бучим“. Дел од овие артефакти од синоќа се изложени во галеријата „Безистен“ во Штип, во рамките на изложбата „Боров Дол 2011-2018 година“.

На свеченото отворање присуствуваше  министерот за култура, Хусни Исмаили, заменик-менаџерот на рудникот „Бучим“, Николајчо Николов, како и археолози од земајва и странство, кои во наредните два дена ќе бидат дел од симпозимот „Рударство и археологија“.

 Директорот на НУ Завод и Музеј на град-Штип, Митко Штерјов, рече дека при истражувањето се откриени и нови локалитети познати само од археолошката карта, а со истражувањата дошле до заклучок дека истражените локалитети претставувале рударски населби.

-Едната е од праисторија, од раното бронзено време и железното време, па до средниот век. Покрај тоа, се откри и една некропол која датира од доцната антика и на крајот сите овие археолошки резултати се претставени во една изложба, истакна Штерјов.

Заменик-менаџерот на рудникот „Бучим“-Радовиш, Николајчо Николов, на изложбата истакна дека за истражувањата на локалитетите имале склучено четири договори со Министерството за култура и НУ Завод и Музеј-Штип.

-Одушевен сум од ова што го гледам овде. Практично, интензивно на локалитетите се работеше четири години, од кои, може да се рече, една година во континуитет. Тоа беше услов да добиеме дозвола за експлоатација и одеше сукцесивно. Таму направивме и пристапен пат за археолозите, а исто така и за трасата на транспортната лента требаше да се направат археолошки истражувања, рече Николов.

Додаде дека по струка е металург, а овие истражувања покажале, како што рече, дека рударството и оваа гранка на овие простори биле присутни пред 5000 до 6000 години. Рудникот „Бучим“ во теренските истражувања на археолозите инвенстираше 360.000 евра.

Прашан до каде е отворањето на новото рудно тело Боров Дол, кое се наоѓа на неколку километри од „Бучим“, Николов одговори дека на терен се работи интензивно.

-Сега сме во фаза на ископ на јаловина, досега имаме реализирано над шест милиони тони јаловина, од планирани 11 до 12 милиони тони. Работиме според планот и очекуваме следната година во ова време, дури и порано, во август, да почне да се транспортира руда од Боров Дол до Бучим и тоа ќе значи да се продолжи животот на рудникот за минимум десет години, рече Николов.

Посочи дека новото рудно тело не е интересно од аспект на тоа колку содржи бакар и злато, но е на ниво на содржините во Бучим. Прашан дали имаат проблеми со недостиг на работна сила, Николов со одговор дека сè уште немаат, но и дека мора да инвестираат во млад кадар. Кадровската структура во овој рудник е подмладена, просечната нето-плата на работници изнесува 555 евра.