Денес, и во понеделник, на сите универзитетски единици во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола се реализира вториот уписен рок за студенти бруцоши.
Според објавениот повик на располагање се 2.000 слободни места, од нив во државна квота слободни се 873 места, 646 се за студирање со кофинансирање и 481 место е за вонредни студенти.
На Технички факултет-Битола слободни се уште 396 места, ФИКТ-Битола може да запише уште 287 студенти, на Економски факултет-Прилеп слободни се 239 места, на Факултетот за безбедност во Скопје има можност за упис на уште 224 бруцоши, а на Правен факултет-Кичево може да се запишат уште 160 студенти. Во вториот уписен рок на ФТУ-Охрид огласени се 178 места, на Технолошко-технички факултет во Велес може да се запишат 53 кандидати, на Педагошки факултет во Битола каде по порвиот уписен рок имаше најголем интерес за упис, во вториот рок има место за уште 125 студенти, а на Ветеринарен факултет-Битола слободни се уште 33 непополнети индекси. Процентуално и овој пат најмногу слободни места нуди Биотехничкиот факултет каде за упис се огласени 142 места.
Од УКЛО-Битола информираат дека ако по вториот уписен рок што се реализира на 13 и 16 септември останат слободни места, тогаш на 24 септември ќе се спроведе и трет уписен рок.