Георгиевски: Ќе ги запазиме роковите за Планот за управување со природното и културното наследство

Остварен е напредок во активностите за изготвување на Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион, како клучна препорака упатена од страна на мониторинг Комисијата на УНЕСКО.

Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески кој денеска имаше средба со изработувачите на Планот, членовите на комисиите и претставници на надлежните институции на која учествуваше и министерот без ресор Едмонд Адеми, појасни дека активностите се одвиваат согласно утврдениот план, односно дека ќе биде готов до крајот на годината.

– На 22 овој месец е рокот кога ќе се започне со стратешка евалуација на Планот, уверен сум дека ќе ги запазиме роковите, така што извештајот за напредокот што треба да го доставиме до УНЕСКО во февруари ќе стои дека е усвоен Планот за управување со регионот, рече тој.

Предвидено е Планот да ги содржи визиите и целите што се однесуваат на контролираната урбанизација, зајакнувањето на капацитетот на надлежните институции, заштитата на природното и културното наследство, одржливиот економски развој, подигнувањето на јавната свест и зголемената еколошка функционалност на Охридскиот регион.

Градоначалникот Георгиески кој денеска учествуваше и во акцијата за чистење на езерото и крајбрежјето од цврст отпад на прашањето на медиумите уште еднаш најави дека наскоро ќе почне акцијата за уривање на нелегално изградените платоформи на брегот на езерото, како и на неколку дивоградби.