Влада: Успехот на ракометарите е промоција на Македонија во Европа и светот

Успехот на ракометните репрезентативци е амбасадорска промоција на Македонија, не само во Европа, туку и во светот, наведува Владата на Република Македонија во денешното соопштение испратено по повод најновиот успех на Машката ракометна репрезентација на Европското првенство во Загреб.

– Успехот на нашите ракометари, кои го носат дресот на Македонија е во име на граѓаните на Македонија. Оваа екипа ја заслужува секоја благодарност за сиот вложен напор за радоста што ни ја овозможија на сите нас, на сите граѓани на Република Македонија. Посебно ја истакнуваме и ја поздравуваме улогата на селекторот на Ракометната репрезентација на Македонија, Раул Гонзалес, кој уште еднаш го потврди својот лидерски капацитет и визија за потенцијалите на нашите ракометари, кој исто така беспоштедно се вложува за успесите на нашата репрезентација, а со тоа и во промоцијата на македонската спортска гордост, се вели во соопштението.

Од Владата посочуваат дека постигнатиот резултат и успех е дополнителен мотив да се продолжи посветено да се поддржува спортот.

– Спортскиот дух и сплотеност, кој најсилно се чувствува деновиве после секоја победа на нашите ракометни амбасадори, е пример и за функционирањето на едно општество. Само сплотени во идејата за напредок и успех, обединети во различностите, а сепак еден тим, за многу победи за една поубава иднина, спортска и граѓанска, велат од Владата.