Министерот за надворешни работи Никола Димитров вчера во Париз се сретна со Амели де Моншален, државен секретар во Министерството за Европа и надворешни работи, задолжена за европски прашања и со Клеман Бон, советник за Европа во Кабинетот на претседателот Емануел Макрон, јавува дописникот на МИА.
Во разговорите, како што соопштуваат од Министерството за надворешни работи, разгледани се аспектите од билатералната соработка, како и заедничките стратешки определби за европска и евроатлантска интеграција на Северна Македонија и Регионот. Од наша страна, стои во соопштението, е истакнато дека добивањето позитивна одлука за Северна Македонија за отпочнување пристапни преговори со ЕУ е уважување и конкретно вреднување на очигледните резултати и постигнувања, а што истовремено ќе создаде нов импулс за нас, но и за целиот регион и за ЕУ.
-Со Преспанскиот договор успеавме со нашите грчки пријатели да постигнеме вистински европски компромис во регион каде тешко се прават компромиси. Нашата цел е да станеме европска земја, а тоа пред се’ значи владеење на правото. Имаме голема шанса за заеднички успех во октомври, нагласи Димитров.
Слични пораки упати и на средбите со Салваторе Серавале, заменик генерален секретар во Секретаријатот за европски прашања при Владата на Франција и со Сенаторот Ален Ришар, а исто така и обраќајќи се до француската јавност, како и во контактите со реномираните медиуми, весниците Le Monde и Le Figaro, порачувајќи дека треба да се искористи оваа историска шанса, и во октомври Северна Македонија и ЕУ да го заокружат и забележат заеднички успех со одлука за отпочнување пристапни преговори со Унијата.
За време на престојот Димитров се сретна и со претставници на нашата дијаспора, кои меѓу другите гости присуствуваа на свечениот прием во Амбасадата на Република Северна Македонија во Париз по повод 8 Септември.
Веднаш по работната посета на Париз, министерот Никола Димитров ја продолжува работната турнеја, фокусирана на европските аспирации и очекувања на Република Северна Македонија во пресрет на октомвриските Совети на Унијата, со работна посета на Брисел на 10 и 11 септември 2019 година, а последователно и на Берлин на 12 и 13 септември 2019 година.