Делчево го одбележува Денот на ослободувањето и Денот на независноста на државата

Со низа активности и во празнична атмосфера, Делчево, денеска одбележува 75 години од ослободувањето и 28 години од независноста на Македонија.
Во рамките на одбележувањето беше организирана изложба на дела од познатиот делчевски ликовен уметник Петар Атанасов-Пепи, со што Делчево оддаде признание за неговата дводецениска дејност. Изложбата содржи 41 дело со мотиви од старо Делчево, стара архитектура, верски мотиви творени со пирографија и масло на платно, а во рамките на оваа композиција беа изложени и дела од неговите синови Блаже Атанасов, но и од Андреј Атанасов, чии творби се објавуваат постхумно и прв пат јавно се изложуваат.
Одбележувањето на двата значајни историски датуми за Делчево продолжи со Свечената седница на Советот на Општина Делчево на која претседателот на Советот, Драган Маневски, истакна дека во изминатиов период од септември лани до денеска, Советот на Општина Делчево одржа 15 седници и разгледа 373 точки на дневен ред.
 -Донесени беа 312 одлуки од кои 200 одлуки за вклопување на бесправно-изградени објекти во урбанистичко-планска документација на физички лица и правни лица, донесени беа одлуки за изработка на урбанистичко-проектна документација за Проект за инфраструктура за изградба на водоснабдувачки систем за с.Габрово и с. Ѕвегор, донесени се и повеќе одлуки за приоритет на проекти за аплицирање до надлежни институции кои имаат за цел да дадат придонес кон подобрување на условите и квалитетот на животот на нашите сограѓани. Донесени се сите програми за работа на општинската администрација, ЈКП „Брегалница“, општинските училиштата, и детската градинка. Разгледани и усвоени се и нивните планови и извештаи за работа. Советот на Општина Делчево во целина, со многу одговорност и рационалност се однесуваше при донесувањето на одлуките и со право можам да констатирам дека нашата работа од почетокот до денес се одликува со конструктивност и рационалност, потенцираше Маневски.
На свечената седница, градоначалникот Горан Трајковски ги презентираше актуелните проекти на Општина Делчево, што истакна дека се инвестираат околу 120 милиони денари во најразлични проекти од областа на инфраструктурата и со средства од различни нивоа на власт, донации и средства од општинскиот Буџет.
-Со мојот тим максимално сме посветени за реализација на крупните инфраструктурни проблеми и верувам дека со добра мисла и визија за иднината, може сѐ да се постигне. Не штедејќи се и исправен пред предизвикот, се посветив да ја остварам визијата за европско Делчево, со сите нишани од инфраструктура до квалитет на животот. Оддавајќи почит на делото на храбрите револуционери, го продолжуваме нивниот пат, гордо исправени со една и единствена мисла да го направиме Делчево поубаво место за живеење, рече Трајковски.
На свечената седница беше доделена општинската награда „7 Септември“ која годинава ја доби Љупчо Чучуковски, претседател на Планинарскиот спортски клуб „Голак“ од Делчево и член на Федерацијата на планинарски спортови, а наградата му се доделува како знак за општествено признание за особени постигнувања од областа на планинарскиот спорт и заштита и унапредување на животната средина, како и развој и афирмација на Општина Делчево во Република Северна Македонија.
Седницата продолжи со доделување награди и благодарници по Конкурсот за избор на најубаво уреден двор во рамките на акцијата „Заедно за поубаво Делчево“. Годинава, за најубаво уреден двор за физички лица, Комисијата го прогласи дворот на Сашко Диковски од Делчево, додека во категоријата за колективно домување, наградата ја доби дворот од зградата на „Кејот на Брегалница“.
Одбележувањето на празниците во Делчево ќе продолжи и утре со настаните предвидени во Програмата за Пијанечко-малешевска свадба , Фолклорниот фестивал „Делчево 2019“ и Саемот на храна кои се во организација на КУД „Гоце Делчев“ во партнерство со Општина Делчево.