Пред седиштето на НАТО се уште има место за нови знамиња, порача денеска во обраќањето пред пратениците во Собранието, генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, кој напомена дека вратата на НАТО останува отворена за нови членки.
– Гледајќи го црногорското знаме како се виореше првпат пред седиштето на НАТО лани, тоа го почувствував како мошне важен момент. Се уште има место за повеќе знамиња пред седиштето на НАТО. Земјите-члени се импресионирани од вашата посветеност и ентуизијазмот за влез во Алијансата, а НАТО сака да успеете, рече Столтенберг.
На пратениците им порача дека е добро да се биде амбициозен, но оти мора да се биде и реален и оти претстои уште работа посочувајќи го спорот за името. Ја поздрави Владата и нејзините напори за решавање на спорот со Грција за името и ја охрабри да продолжи на тој пат.
– Ја поздравувам волјата на вашата Влада, која е одлучна да се реши ова прашање. Вчерашната средба на преговарачите под покровителство на ОН во Њујорк беше уште еден важен чекор за натамошниот напредок, додаде Столтенберг.
Тој ги поздрави и реформите што ги спроведува новата Влада согласно Планот 3-6-9, како и усвојувањето на Законот за јазиците. Нагласи дека го нотираат важниот напредок во однос на реформите во службите за разузнавање и безбедност, во судството, а очекува напредок и во реформите во областа на изборите, медиумите и поголема транспарентност на владините финансии.
Упати порака дека од суштинско значење е вклученоста на опозицијата во работата на Парламентот и контролата на работата на Владата, како и на улогата на граѓанското општество во спроведувањето на реформиите. Меѓу другото, истакна дека членките на НАТО се задоволни од напредокот во односите со Бугарија, со ратификацијата на Договорот за добрососедство со охрабрување да се подобрат односите и со другите соседи.
Нагласи дека за НАТО како колективен одбранбен сојуз од сушинско значење е да види како земјата инвестира во својата одбрана.
– Сите сојузници на НАТО се обврзаа на зголемување на трошењето на одбраната на два процента од БДП. Алијсаната сака да ја види оваа држава како се придвижува во истата насока, рече Столтенберг.
Вратата на НАТО е отворена за нови членки, додаде тој, но нагласи преминувањето на прагот бара сериозна работа. Вети поддршка преку Програмата за партнерство на одбранбените реформи, поодобрувањето на образованието за одбрана и инвестиции во одбраната, како и во борбата против корупцијата во одбранбениот сектор.
– Пред девет месеци бевте блиску до работ на карпа, а денеска вратата е отворена кон реформи, кон подобри односи со вашите соседи, кон евроатлантската заедница и НАТО и кон нова посветла и попроспериотетна иднина. Но, се уште има многу што треба да се сработи, порача генералниот секретар на НАТО.
На обраќањето на Столтенберг присуствуваа и пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која најави дека се враќа во Собранието само за да го проследи неговиот говор, и оти нема намера да се вклучи во работата на законодавниот дом се додека, според нив, не се создадат демократски услови.
Првиот човек на НАТО по обраќањето пред пратениците, во Собранието ќе има средби со претседателот на законодавниот дом Талат Џафери, со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски и на ДУИ Али Ахмети.
Столтенберг серијата средби во Скопје ги започна со министерот за надворешни работи Никола Димитров, се сретна со претседателот Ѓорге Иванов, а потоа во Министерството за одбрана и со министерката Радмила Шекеринска.
Официјалните активности генералниот секретар на НАТО ќе ги заврши со средбата со премиерот Зоран Заев. Тој во Владата ќе биде пречекан со највисоки почести, а по средбата предвидена е завршна прес-конференција.