Пуштени во употреба две нови занимални во градинката „Детелинка“ Крива Паланка

Две нови занимални, комплетно уредени и опремени со дидактички материјали и опрема, од денеска официјално се пуштени во употреба во градинката „Детелинка“, Крива Паланка. Инвестицијата е поддржана од Фондацијата „Отворено општество Македонија“, Министерството за труд и социјална политика на Република Северна Македонија и општина Крива Паланка.

На отворањето присуствувааа министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, извршната директорка на ФООМ, Фани Каранфилова-Пановска, градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, советници и бројни претставници од локалните институции.

-Навистина е убаво да се биде денска во Крива Паланка, зашто секогаш инвестицијата, која ја правиме во инфраструктура за детска заштита, значи инвестиција во нашите деца и во иднината на државата. Сметам дека со години ова беше заборавено, но времето ваше, на предучилишното образование дојде, зашто тука ако инвестираме најмногу, на крајот и најмногу ќе добиеме, порача Царовска.

Директорката на градинката „Детелинка“, Мирка Јакимовска, изрази благодарност до сите кои помогнаа денеска овие простории, како што рече, да ја красат установата и да бидат радост за дечињата.

-Денеска е посебен ден за нас. Отворените две нови занимални со придружни комплетно нови санитарни јазли се донација од Фондацијата „Отворено општество Македонија“, а министерството ни донираше дидактички материјали и опрема за работа, имаме помош и од општината и со заеднички сили добивме нови простории, кои ќе го дополнат капацитетот за прифаќање деца во градинката кои ги исполнуваат сите стандарди за воспитно –образовен процес, рече Јакимовска.

Таа истакна дека продолжуваат заедно со општината да инвестираат и во останати инфраструктурни зафати во овој и другите објекти на установата.

-Ова е еден од поважните проекти на ФООМ, ние повеќе од 25 години се залагаме за тоа дека во државата мора да има квалитетно предучилишно образование. Со овој потег, да поддржиме реконструкција и реновирање на овие простории, практично сакавме да ги поддржуваме напорите на Владата да им обезбеди поголем опфат на децата во предучилишно образование. Веруваме дека она што и други истражувања го покажуваат, предучилишното образование е најважниот сегмент од воспитно-образовниот процес, дека децата кои се опфатени во предучилишно образование имаат повеќекратни шанси да успеат во животот и да направат поголем личен раст и развој и на тој начин да направат развој и на целото општество, изјави Каранфилова-Пановска.

Градоначалникот Мицевски порача дека само во овој објект се вложени досега околу 15 милиони денари.

-При мојата посета лани на германската збратимена општина Грос-Цимерн, благодарение на Јашко Станојковски, за градинката беше обезбедена финансиска помош со која се набави спортска опрема за салата. Оттука отпочнаа неколкуте активности за вложување во овој објект, преку донацијата од ФООМ и МТСП, околу два милиони денари , па овозможивме 90.000 долари од Нордиска помош за РС Македонија, со која ќе се промени комплетно столаријата на горниот кат и ќе се постави енергетски-ефикасна фасада, до реконструкцијата на кровната контрукција, која ќе се врши со сопствени средтва од буџетот. Се на се, вложуваме во подобрување на условите во сите воспитно-образовни установи , а градинката за централнито објект на улица „Илинденска“ по коригирање на проектот во МТСП, ќе добие надградба со уште еден кат, рече Мицевски.

Благодарници од градинката беа доделени за ФООМ, Министерката Царовска, градоначалникот Мицевски и изведувачот на гардежни работи „Белешка ДООЕЛ“, Предраг Велиновски.

Во општинската јавна установа детска градинка „Детелинка“ од Крива Паланка се згрижени околу 350 дечиња.