Гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков денеска оствари средба со претставници на германската КФВ банка на која се разговараше за активностите и деталите од проектите со кои ќе се реализира грантот во износ од 2,5 милиони евра што општината го доби од банката.
Градоначалникот Поцков ги образложи планирањата на општината со кои се предвидува изградба на водоводна линија од новиот водоснабдувачки систем до Негорци и Прдејци, рехабилитација на постојната водоводна линија од Гевгелија до Богородица, која е застарена и нефункционална, изградба на систем за заштита на Гевгелија од атмосферска вода,атмосферска и канализациска мрежа во населбата Караорман, поставување на примарна и секундарна канализација во јужниот дел од градот како и замена на старите со нови затворачи со разни димензии во дистрибутивната водоводна мрежа во Гевгелија.
Покрај ова, беше посочено дека дел од грантот ќе биде искористен за замена на старите со нови водомери со далечинско отчитување така што покрај до сега заменетите 3.000 водомери, сите домаќинства ќе добијат еднаков третман во поглед на инсталирани нови водомери.
Претставниците на германската банка за обнова и развој изразија задоволство од планираните проекти и ветија дека ќе се заложат за брзото изготвување на техничката документација и менаџирањето на грантот.