Конститутивна седница на Советот за безбедност на Република Северна Македонија

Во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија денеска се одржа конститутивната седница на Советот за безбедност. Како што изјави претседателот Пендаровски, ова е прва седница по цели три години на Советот за безбедност кој е уставна категорија и исклучително важен орган, но поради немањето политичка волја, Советот бил маргинализиран и заборавен.

Учесниците на состанокот констатираа дека состојбата во земјата и во регионот е стабилна и засега нема индиции дека би биле загрозени границите или пак интегритетот и суверенитетот на Северна Македонија. Сите надлежни институции во континуитет ги следат ситуациите коишто потенцијално би можеле да прераснат во посериозен проблем, како што е мигрантската криза.

На седницата присуствуваа постојаните членови на Советот: претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, претседателот на Собранието, Талат Џафери, министрите за одбрана, Радмила Шекеринска, за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за надворешни работи Никола Димитров. Исто така присуствуваа и  членовите на Советот, назначени од страна на претседателот Пендаровски: професорите Ненад Марковиќ, Ветон Љатифи и Трајан Гоцевски.

На покана на Претседателот на денешната седница на Советот за безбедност присуствуваа и директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски и заменик началникот на Генералштабот, генерал – мајор Азим Нуредин.

Покана за учество доби и претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. До овој момент, како што изјави претседателот Пендаровски, иако уредно, писмено поканет, нема одговор зошто лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше на седницата на Советот за безбедност.

 –Сметам дека претставниците на опозицијата, особено на најголемите, најрелеватните опозициски партии мораат да присуствуваат по покана од Претседателот на состаноците на Советот за безбедност, затоа што Советот не е приватна институција на Претседателот и на седниците не се дискутира за приватни и партиски работи. Темата на денешната седница не е работа само на владината коалиција, туку е од суштинско значење за безбедноста на државата. Темата на денешната седница беше безбедносната состојба внатре во нашата земја, Република Северна Македонија и во регионот. Така што моја задача беше да ги поканам сите оние кои мораат да бидат информирани за тоа што се случува на тој план, без разлика кој е на власт а кој во опозиција, изјави претседателот Пендаровски.

Република Северна Македонија, рече претседателот Пендаровски, е на чекор до полноправно членство во НАТО и до добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ. Работите за влезот во НАТО се движат во добра насока и со добро темпо, но треба внимателно да се следи состојбата.

Одговарајќи на новинарски прашања, претседателот Пендаровски се осврна и на случувањата во регионот, при што посочи дека од влијателни меѓународни фактори пристигнуваат информации за можно заживување на дијалогот Белград-Приштина што може да влијае на состојбите на Западен Балкан. Република Северна Македонија граничи со двете држави и затоа, нагласи Претседателот, треба да бидеме подготвени за сите варијанти кои евентуално може да се случат во рамките на преговорите. Тоа, подразбира ние да ја објаснуваме нашата позиција и кое решение би било најпозитивно за нас како држава.

За време на седницата на Советот за безбедност, заменикот на Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал – мајор Азим Нуредин ја истакна посветеноста и придонесот на Армијата во мировните операции предводени од НАТО, како што се „Одлучна поддршка“ во Авганистан, мировната операција на Обединетите Нации „УНИФИЛ“ во Либан, како и мисијата „Алтеа“ во Босна и Херцеговина.

Директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, информираше дека Агенцијата во континуитет ги идентификува безбедносните закани и потенцијалните ризици за националната безбедност и за истите постојано го информира државниот врв и останатите органи и тела во земјата.

На седницата Виктор Димовски, директор на Агенцијата за национална безбедност ги запозна членовите на Советот за безбеност со реформите коишто се спроведуваат во безбедносните и разузнавачките структури, како и со првите активности на новоформираната Агенција.

На седницата е договорено Советот за безбедност да се состанува на секои два до три месеци, бидејќи е неопходна редовна размена на мислења за безбедносната состојба.