Во галеријата на Младинскиот културен центар вечер ќе биде отворена изложба на фотографии „Гледај во позитив“, на која ќе се претстават тројца професионални фотографи кои работат во медиуми – Наке Батев со фотографии на тема „Втора шанса“, Томислав Георгиев со „Effegies“ и Огнен Теофиловски – на тема „И јас имам сон“.
Фотографиите се дел од проектот за социјално исклучени лица „Маргинални групи – од проблем до придобивка“. Секој од авторите направил по седум фотографии, документарни и портрети. Теофиловски се посветил на граѓаните кои не поседуваат документација (луѓе духови), Батев – на корисниците на дрога и дискриминацијата, и Георгиев – портрети на лица од ЛГБТ заедницата.
Една од фотографиите е изложена во негатив за посетителите да можат да ја видат другата страна на приказната, во што е и симболиката на насловот на изложбата „Гледај во позитив“. Целта е да се визуелизираат проблемите со овие групи луѓе и нивно поедноставно разбирање.
Во рамки на проектот „Маргинални групи – од проблем до придобивка“ се подготвени текстови со приказни на лица припадници на фокус-групите, во кои има и препораки од експерти како да се надминат нивните проблеми. Дел од проектот е и брошура, како и дебата на темата.
Изложбата „Гледај во позитив“ е во рамки на настаните кои Младинскиот културен центар ги организира за Роденденот на уметноста. МКЦ, кој во декември одбележа 45 години постоење, шести пат ја организира оваа манифестација со која воедно ги почнува и активностите во 2018 година.
Покрај фотографската изложба, во МКЦ (Џебно кино) вечер ќе биде изведен перформансот „Каде одат претставите што не се случуваат?“ – авторски проект на Драгана Гунин, во кино „Фросина“ ќе се одржи поетскиот настан „Песнило“ со настап на млади поети, а во кино „Милениум“ од денеска напладне до утре наутро ќе има филмски маратон со девет проекции.
Во музичката програма се најавени бендовите „Обојени програм“, „Милко“, „Визељ“, „The Local Blue“ и диџеј сет на „Fanky Fresh“.