Централното претседателство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) попладнево заседава во партиското седиште во тетовска Мала Речица. Според партискиот портпарол Бујар Османи на редовната средба фокусот е на две точки, првата – развојот на политички настани во државата и во пресрет на големите одлуки за ЕУ и НАТО, како и втората во однос на внатрешната организација со оглед на конгресот кој ќе определи како ДУИ ќе дејствува во наредните 20 години.
-ДУИ ја има позитивната и конструктивна улога во пресрет на големите одлуки за ЕУ и НАТО со акцент на имплементација на принципи и политиките кои се обидуваме да ги промовираме на ветингот, односно на проверката која сметаме дека треба да се имплементира во сите институции на системот со цел да се врати кредибилитетот на политиката, но и најважно кредибилитетот на институциите на системот. Втората точка за внатрешната организација, односно за подготвување за конгресот на партијата кој ќе биде од историско значење со оглед дека на тој конгрес ќе се објави новата програма на ДУИ, а тоа е ДУИ во наредните 20 години и принципите пост рамковниот договор, рече Османи
На новинарските прашања дали ќе се разговара за случајот „Рекет“, Османи рече дека детално ќе се разговара на таа тема. Посочи дека ќе се разговара како треба да постапи државата за една криза да се претвори во можност, односно правилно да се разреши.
-Ќе влијае врз одлуката ЕУ и НАТО доколку не успеваме да ја искористиме таа криза да ја претвориме во можност. А како една криза се претвора во можност. Доколку правилно пристапите на неа, доколку иституциите на државата покажат дека се доволно зрели да се справат со било кој предизвик вклучивајќи го и тој комплексен процес како што е „Рекет“, покажа дека реформите кои ги правеме со планот 3-6-9 и со Планот 18 создаде институции кои не се плашат да се соочат со било какви предизвици од било кое ниво дали од политиката, дали од правосудството. Мислам дека може оваа криза за да ја искористиме како можност и да покажеме пред земјите членки дека еве имавме еден тест, покажавме дека сме зрели да почнеме процес на преговори со Европската Унија, потенцира Османи.
На прашање за предвремени избори Османи рече дека партискиот став е веќе образложен, но ќе се дебатира ако некој член на претседателството го покрене. Османи најави дека за заклучоците од средбата партијата ќе ја информира јавноста преку соопштение.