Општина Охрид најави интензивирање на контролата на евентуални нелегални градежни активности, притоа соработувајќи со СВР – Охрид и надлежните државни институции.
Охридската локална самоуправа истовремено апелира до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да не почнуваат нелегално да градат, бидејќи нивните објекти во најкус рок ќе бидат урнати. Притоа, од Општина Охрид истакнуваат дека доколку сами не ги урнат започнатите дивоградби тоа ќе го стори општината, а трошоците согласно трошковникот ќе бидат на товар на инвеститорите. Истовремено се предупредува дека согласно законските прописи, против нив ќе бидат покренати соодветни кривични пријави за нелегално градење.
Соопштението од Општина Охрид доаѓа по синоќешната акција кога полицијата на препорака на овластениот градежен инспектор поради интервенираше на објект на улицата „Марко Нестороски“, каде се спроведувале недозовлени градежни активности, на означен и запечатен објект.
– Вчерашниот настан покажува дека локалната самоуправа цврсто е определена брзо и ефикасно да се справува со дивоградбите, стои во соопштението од Општина Охрид.
Советот на Општина Охрид на седницата одржана на 8 август ја усвои предлог-одлуката за мораториум на градење и донесување урбанистички планови, како и легализација на објекти, се до донесување на планот за управување со светскиот природно и културно наследство на Охридскиот регион. Одлуката беше донесена согласно препораките што ги донесе Владата на 146-тата седница од 23 јули за исполнување на забелешките на УНЕСКО и одлуките на Комитетот за светско наследство.