Во Скопје денеска се одржува втора експертска работилница за примена на концептот на едношалтерски систем за извозно и увозно царинење и размена на податоци за земјите од Западен Балкан, со учество на високи претставници на царинските управи на ЦЕФТА земјите, Економската Комисија на Обединетите Нации за Европа (UNECE), Светска Банка, Меѓународна финансиска корпорација (IFC) и од Европската Комисија.
Директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски најави дека месецов Царината почнува нов проект за воведување на едношалтерски систем, финасиран од Светска банка. Се воведува согласно со потребите на бизнис заедницата, како и продолжување на усовршување на капацитетите на Царинската управа. Имплементацијата на новиот Едношалтерски систем, ќе придонесе да се развие и имплементира комплетен национален Single Window Систем (NSW) во кој ќе бидат задоволени потребите и барањата на Царинската управа, органите надлежни за прекуграничниот проток на стоки и бизнис заедницата, навел Танасоски, информира Царината.
Учесниците на работилницата ќе дискутираат за резултатите од долгорочните проекти на ЕК на Обединетите Нации за Европа што се фокусирани на олеснување на трговијата и едношалтерскиот систем во регионот, како и на резултатите од работната група на ЕУ задолжена за тој систем.
Од Царинската управа истакнуваат дека дигитализација на царинското работење е една од нивните основни стратешки цели. Откако на 1 јуни годинава успешно беше воведен револуционерниот Систем за обработка на царински декларации и акцизни документи, што ги обедини дотогаш воведените дигитални системи во една интегрална целина (транзитниот систем -NCTS, интегрираната тарифна околина – ITE-TARIM и едношалтерскиот систем за издавање на дозволи за увоз и извоз – EXIM), се јави потреба за усовршување на постоечките и воведување на нови информатички системи, се вели во соопштението.