Земјава го зајакнува капацитетот за подобрa вклученoст во Кодекс алиментариус

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), со техничка поддршка на ФАО, овој месец ќе почне да го имплементира Проектот „Зајакнување на националната Кодекс структура во земјата“.

Како што соопшти АХВ, проектот е многу важен во процесот на имплементација на стандардите за безбедност на храната и фер практиките во трговијата со храна, што ќе придонесе кон позајакната заштита на потрошувачите и унапредување на условите за трговија на македонски производи во регионални и светски рамки.

Во тек е првата експертска мисија на која учествуваат претставници од ФАО, од Националната агенција на Шведска за безбедност на храна, како и од Норвешката агенција за безбедност на храна, кои воедно се и твининг партнери на Северна Македонија во овој проект. Целта на мисијата е размена на информации и искуства, како и воспоставување општи процедури за работата на Кодекс во земјава.

-Владата на Република Северна Македонија е благодарна на Фондот Кодекс на поддршката за јакнење на Кодекс структурата во земјата, изјави директорот на АХВ, Зоран Атанасов на денешната средба со претставниците на ФАО и контакт лицата за Кодекс од Норвешка и Шведска.

Во текот на мисијата која ќе трае до 6 септември е предвидена и еднодневна работилница со претставници на институции вклучени во и засегнати од работата на Кодекс алиментариус (Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Фитосанитарната управа, Државната фитосанитарна лабораторија, Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија). Работилницата ќе биде посветена на запознавање на присутните со работата на Codex Alimentarius, анализа на ризик од аспект на Кодекс, ЕУ легислатива и Кодекс стандарди,… Преставниците од релевантните институции исто така ќе бидат запознаени и со искуствата и процедурите поврзани со Кодекс во Шведска и Норвешка.

Комисијата Кодекс алиментариус е заедничка Програма за стандарди за храна на ФАО и Светската здравствена организација (СЗО), одговорна за формулирање стандарди, кодекси на практика, упатства и препораки што ги сочинуваат Кодекс алиментариус – важна глобална референтна точка за потрошувачите, производителите на храна и преработувачите, националните агенции за контрола на храна и сите вклучени во меѓународната трговија со храна. – Со зајакнувањето на Кодекс структурата во земјата ќе се обезбедат соодветни алатки за активно учество во работата на Кодекс, со што ќе се искористат придобивките на стандардите за безбедност за храна, наведува АХВ.

3 thoughts on “Земјава го зајакнува капацитетот за подобрa вклученoст во Кодекс алиментариус

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *