Над 1.200 матуранти аплицирале за упис на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“

Заврши првиот уписен рок за прием на студенти во прва година на академската 2019-2020 година на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД). Проректорот за настава, Кирил Барбареев на денешната прес-конференција истакна дека на 12 факултети и на трите академии аплицирале над 1.200 кандидати. И оваа година најатрактивен е Факултетот за медицински науки. Насоката за Општа медицина е целосно пополнета, и во држвната квота и во квотата со кофинансирање.

-Има мал број слободни места на студиските програми на стоматологија и фармација, но тоа е мал дел и дел од стручните служни забен техничар, акушерки и медицински сестри. На другите факултети бројот е пристоен и е во рамките на она што се случуваше во изминатите години, со мал пад од 10 до 20 отсто од бројките, рече Барбареев.

Помал број студенти, додаде, се запишани на техничките факултети, Машинскиот, Електро-техничкиот, каде што има по над 10 кандидати. Додека на остантите факултети бројките се движат од 50 до 160 кандидати.

Според Барбареев, УГД ги почитува одредбите од Законот за високо образование, со кој не се дозволува запишување матуранти со положена училишна матура. Не е јасно, рече, како некои приватни универзитети најавуваат дека ќе запишуваат матуранти и со училишна матура, а не како што стои во новиот Закон.

Според проценките, околу 2.000 средношколци се со училишна матура, кои, како што нагласи Барбареев, иднинaта нема да ја бараат на универзитети во земјава, туку надвор од неа. За неинформираноста на матурантите за одредбите од Законот за високо образоавние, смета дека се виновни сите институции, почнувајќи од средните училишта, ресорното министерство, но и универзитетите во земјава.