Претседателот на собраниската Комисија за избори и именувања Илија Димовски, за в четврток во 12 часот ја закажа седницата на која ќе се разгледува извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера го достави извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на Јанева до претседателот Димовски под назнака „доверливо“.
Димовски информира дека се уште не се знае дали за извештајот ќе се расправа зад затворени врати или седницата ќе биде јавна, и најави дека ќе испрати барање до новиот претседател до Советот на јавни обвинител Ацо Колевски, да го декласифицира документот.
За тоа дали седницата ќе биде јавна или затворена, Димовски смета дека треба да одлучи Комисијата со двотретинско мнозинство, а не да биде одлука на Советот на јавни обвинители.
Негов личен став е дека Комисијата за прашањата за избори и именувања треба да биде отворена за јавноста заради, како што рече, поголема доверба на граѓаните во Собранието и правосудниот систем.
Доколку се одлучи седницата за извештајот да биде затворена, на неа, како што рече, ќе можат да присуствуваат исклучиво членовите кои имаат безбедносен сертификат, но и пратеници кои не се членови, а поседуваат валиден сертификат за класифицирани информации.
Рече дека одлуката на Комисијата во однос на постапката на разрешување на Јанева се носи со просто мнозинство.
Димовски најави дека ќе побара од Талат Џафери информација кои се четирите политички партии за да обезбеди согласност во врска со оваа постапка, исто како што е потребна согласност за именување.
Претседателот на Комисијата смета дека во извештајот, што досега имале можност да го разгледуваат само тој и Џафери, има доволно елементи за постапката за разрешување да биде почната и завршена.
Информира и дека на пленарната седница нема да се расправа по извештајот на Советот на јавни обвинители, туку по извештај и заклучок што ќе го донесе Комисијата за прашањата за избори и именувања.
Според собранискиот Деловник откако ќе заврши расправата на Комисијата, претседателот на Собранието ќе треба да свика пленарна седница за разрешувањето на Јанева. Конечната одлука на пратениците ќе треба на крајот да ја потврди и Советот на обвинители.