ВМРО-ДПМНЕ: Неаргументирано продолжувањето на притворот на Мукоски и останатите притворени

Срамна, правно неоснована и политичка е вчерашната одлука на Апелациониот суд да го продолжи притворот на пратеникот Крсто Мукоски. Целосно неаргументирани се притворите и за останатите уметници и патриоти во врска со измисленото дело тероризам.

Јавното обвинителство дури после 50 дена почнува да ги повикува патриотите да дадат исказ во врска со политички конструираното обвинение.

Цели 50 дена ЈО не преземаше никакви дејствија во истрагата против десетици македонски патриоти. Луѓе лежат во притвор, а ОЈО ништо не работи. Ова е директен доказ дека во притвор се ставени заради чисто изживување врз нив и нивните семејства.

Ова е невиден правен преседан. Притворот наместо како мерка за обезбедување на присуство се користи како мерка за измачување и изживување со политичките неистомисленици.

Не е прв пат да се кршат правата на осомничените во текот на овој политички конструиран случај. Притворените беа незаконски лишени од слобода, а на истите им беа ускратувани нивните права и во истражниот затвор.

Законските прекршувања беа констатирани и од Народниот правобранител, факт кој остана премолчен од институциите.

Додека од една страна гледаме неосновано влечење по затвори на актери, уметници, архитекти, режисери, полицајци и луѓе кои создале нешто во ова општество, од друга страна имаме пуштање на слобода на стотици осудени криминалци со помош на законот за амнестија кој го донесе СДСМ.

Неправичноста, селективноста и неправдата се главната одлика на оваа недемократска власт. Правната држава е девалвирана,  демократијата умира секој ден. Од општество еднакво за сите кон кое треба да се стремиме, Македонија полека но сигурно станува општеството на поделби и крајно политизирано.