Заев ги претстави Ангеловска и Џамаили, ВМРО-ДПМНЕ му побара оставка

Убеден сум дека кандидатите за нови министри во делот на финансиите и подобрувањето на инвестициската клима ќе бидат сериозно засилување на владиниот капацитет, посебно во овој неповторлив, драгоцен период за земјата која очекува интегрирање во ЕУ и НАТО, рече денеска премиерот Зоран Заев, образложувајќи пред пратениците зошто ги предложил Нина Ангеловска и Хисен Џамаили за овие позиции.

Авотбиогарфиите на Ангеловска и Џамаили, истакна, се доставени до Собранието, но сепак, како што нагласи, одлучил и лично да каже по некој збор за нив.

Откако ги изнесе нивните квалификации, за збор се јави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски. Рече дека земјава се наоѓа во политичка агонија која мора што побрзо да заврши и во овој контекст од говорницата, побара оставка од премиерот Заев.

-Правниот систем не е разнишан, туку разнесен. Се знае кои министри договарале процедури во судските постапки. Најдобро во овој момент и за земјата и за граѓаните и за економијата и за СДСМ е што побрзо да заврши оваа политичка агонија. Време е да поднесете оставка и не мора да го поврзете тоа со ваша политичка или морална одговорност, нагласи Димовски.

На тоа одговори Заев, правејќи паралела како е сега во однос на транспарентноста и работењето на судството, а како беше во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

-За разлика од тогаш, премиерот сега е пријавител на случајот, овозможено е целосно независно  транспаренто работење на јавното обвинителство, без каква било пречка, низ истрага, да ги докаже сите аргументи. Тоа се сериозен предизвик за секоја држава и за нас. Ќе покажеме дека овој предизвик е овозможен тука, потенцира Заев.

Во рамки на денешната 110. седница треба да бидат избрани и Кирил Колемишевски за заменик-министер за економија, Елизабета Наумовска за заменик-министер за образование и наука и Неџад Мехмедовиќ за заменик-министер за политички систем и односи меѓу заедниците.

Пратениците треба да изберат и нов вицегувернер на Народната банка за што е предложен Фадил Бајрами.