Го поздравуваме писмото на алтернативниот министер за надворешни работи до неговиот колега од Северна Македонија за строго придржување кон Договорот од Преспа и поддршка за европската перспектива на соседната земја, вели поранешниот шеф на грчката дипломатија, а сега пратеник и надлежен за надворешна политика во СИРИЗА, Јоргос Катругалос, jави дописничката на МИА од Атина.
– Го поздравуваме писмото што, според новинарски информации, го испрати алтернативниот министер за надворешни работи до неговиот колега од Северна Македонија за строго придржување кон Договорот од Преспа и поддршка за европската перспектива на соседната земја. Со интерес ги очекуваме објаснувањата на господинот министер до оние кои веруваа во предизборната демагогија на Нова демократија за отстапки во врска со договорот. СИРИЗА ќе побара писмото да се достави во Парламентот, врз основа на членот 133 од Правилникот, вели Катругалос во пишаната изјава.
Како што соопшти СЕП пред два дена, алтернативниот министер за надворешни работи на Република Грција, задолжен за европски прашања, Милтиадис Варвициотис, преку писмо до вицепремиерот Бујар Османи најави поддршка за европските интеграции на земјава, нагласувајќи дека императив е целосната имплементација на Договорот од Преспа, но најави и билатерална средба меѓу претставниците задолжени за европски прашања на двете земји.
Писмото е одговор на дописот на Османи до Варвициотис во кој му ја честита функцијата и изразува надеж за продолжување на соработката.
Во Грција, веста за писмото од Варвициотис до Османи, ја објавија грчките медиуми, повикувајќи се на медиумите кај нас.