Во пресрет на утрешниот голем христијански празник Успение на Пресвета Богородица, македонското друштво „Илинден“ и огранокот за Голо Брдо, упатија честитка до Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и до сите Македонци од православна вероисповед во Албанија и до сите Македонци каде и да се во светот.
Во честитката се наведува дека празнувањето на успението на Богородица значи празнување и почитување на семејството и семејните вредности, на разбирањето и љубовта кон ближните и подготвеноста за надминување на искушенијата.
– Ваше Блаженство, дозволете ни, Вам лично, на сите Македонци каде и да се во светот, на членовите на Светиот архијерејски синод, да Ви упатиме искрени честитки по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица. Празнувањето на успението на Мајката Божја значи празнување и почитување на семејството и семејните вредности, на разбирањето и љубовта кон ближните и подготвеноста за надминување на искушенијата,стои во честитката.
На овој голем празник, се подвлекува во честитката потпишана од претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај и на огранокот Или Халилај, со силата на светото име на мајката Божја во нашите молитви да се помолиме за здравје, љубов и благодет кои ќе донесат мир во нашите семејства и во целиот свет.
Инаку,според традицијата негувана со векови голем собир ќе се одржи во дворот на црквата „Успение на Пресвета Богордица“,во селото Церје, Мала Преспа, каде се очекува да присуствуваат сегашни и поранешни жители од ова област.
Голем број македонски семејства низ Албанија Денот го одбележуваат како домашна слава.