Сугарески: Ресорот транспорт има одлична реализација на капитални инвестиции

Во однос на капиталните инвестиции ресорот транспорт има одлична реализација. Во делот на гасификацијата реализирани се 71 отсто од планираните инвестиции, во делот на патната инфраструктура се реализирани околу 50 отсто од планираните инвестиции, во изградбата на социјални станови бележиме 100 отсто реализација, работиме на дваесетина проекти во изградба на водоводи и канализации во вредност од околу 10 милиони евра, изградбата на пругата кон Бугарија е засилена и очекуваме делот од Куманово до Бељаковце следната година да биде завршен, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески при денешниот увид во рехабилитација на регионалниот пат Драчево-Орешани-Таор.

Сугарески најави дека градежната офанзива продолжува и во наредниот период.

– Засилено се работи насекаде низ државата, до крајот на овој месец завршуваме со реконструкција на три регионални патишта, а до крајот на септември ќе завршиме со рехабилитација на уште 13 патни правци или со вкупна должина од околу 150 километри. Подобрувањето на состојбата на патиштата е од особено значење и за граѓаните и за компаниите, затоа со ЈП за државни патишта максимално сме посветени на реализација на она што го ветивме и во текот на следниве два месеци ќе започнеме со рехабилитација на десетина регионални патни правци, изјави Сугарески.

Регионалниот пат Драчево-Орешани-Таор, како што соопштуваат од прес-службата на Министерството за транспорт и врски, се рехабилитира во должина од девет километри, а вредноста на инвестицијата е 1,7 милиони евра. Градежните работи се одвиваат со забрзана динамика и се очекува до крај на месец септември овој пат да биде завршен.

Во овој дел од Скопје во јули заврши и рехабилитацијата на патот од Драчево до Јурумлери, во должина 4 километри и во вредност од речиси милион евра.

Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов истакна дека до крајот на септември по Рамковниот договор преку ЈП за државни патишта се завршуваат околу 140 километри патишта, преку ЈП Македонија пат околу 90 километри, со средства од Светска Банка 120 километри, а со средства обезбедени преку Европска банка за обнова и развој се завршуваат 113 километри патишта.

– Почетокот на октомври ќе го дочекаме со 450 километри рехабилитирани патишта. Сакам да направам една мала споредба: од 2007 година до 2016 година во нашата држава беа рехабилитирани околу 650 километри патишта. Ние само за една година рехабилитиравме патна мрежа во должина од 500 километри. Деновиве отпочнаа нови јавни повици за рехабилитација на регионални патишта со вкупна должина од 65 километри, рече Китанов.

Според Китанов, со завршување на туристичката сезона ќе почне да се реконструира и автопатот од Катланово до Петровец и од Миладиновци до Петровец.