Новиот закон за јавното обвинителство со кој треба да се реши и идниот статус на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), денеска е ставен на дневен ред на 108-та собраниска сеница. Законот, кој е од особено значење за евроинтеграцијата на земјата, влегува во собраниска процедура со европско знаменце и по скратена постапка.
Во пресрет на седницата, вчера состанок за законот во Собранието одржаа работните групи на власта и на опозицијата, но не беше постигнат напредок по спорните прашања.
Министерката за правда Рената Дескоска по средбата изјави дека клучно прашање околу кое не се согласни двете страни е статусот на предметите на СЈО.
– Нашиот предлог е тие предмети да бидат транферирани во обвинителство за организиран криминал од точката до која се стасани во СЈО со цел да нема одоговлекување и да нема застој во постапките и губење докази. Се договоривме, забелешките коишто ги има ВМРО-ДПМНЕ да ги преточи во амандмани. Со оглед на тоа дека законот утре влегува во собраниска процедура, а комисиската расправа треба да почне в четврток, дотогаш треба да бидат поднесени амандманите, така што, на конкретен текст ќе се договориме и во зависност од нивната подготвеност, ќе седнеме во периодот до четврток, рече Дескоска.
Таа очекува на пленарната седница сите политички партии да ја поддржат потребата од донесување на ова законско решение кое е важно за процесот на пристапување на земјата во ЕУ.
Во однос на идниот статус на СЈО, Дескоска повтори дека нивниот став кој е преточен и во предложениот закон, е оти СЈО треба да се спои со Обвинителството за организиран криминал, а почнатите предмети од специјалните обвинители да продолжат да се процесуираат.
Прашана дали по „Рекет“ и притворањето на шефицата на СЈО Катица Јанева е нарушен кредибилитетот и на другите обвинители, Дескоска одговори дека одговорноста е лична, а не колективна и оти институцијата не треба да зависи од тоа кој ја раководи.
Дескоска рече дека е договорено забелешките на ВМРО-ДПМНЕ да бидат поднесени како амандмани во текот на процедурата во Собранието. Таа изрази надеж дека сите пратенички групи ќе го поддржат донесувањето на законот, која е важен за процесот на пристапување на земјата во ЕУ. Во меѓувреме, најави дека ќе работат на обезбедување на потребното собраниско мнозинство.
Пратеникот Антонио Милошоски кој ја предводи работната група на ВМРО-ДПМНЕ, не прецизира каков став ќе има денеска партијата, но укажа дека власта го предлага законот без опозицијата и оти таа не може да има позитивен пристап кон тоа.
– Но, оставаме можност на комисиската расправа со квалитетни амандмани да го подобриме законскиот текст доколку има подготвеност од владејачкото мнозинство да има закон кој ќе биде широко прифатен и заснован на стандардите од Стразбур, рече Милошоски.
За предметите на СЈО, посочи, не се спорни предмети што се почнати и се водат согласно со законскиот рок што го имаше СЈО, и треба да продолжат до конечна судска разрешница.
Според него, аферата „Рекет“ налага потреба од донесување системско решение, а во однос на префрлањето на обвинителите од СЈО во новото обвинителство, Милошоски повтори дека нивниот став е оти не би требало, по автоматизам, секој да биде на некоја битна позиција во ова обвинитество.
– Многу зависи од истрагата што се случува со „Рекет“, но генерално постои основан сомнеж дека Катица Јанева не можела сама како поединец да изврши злоупотреба на ресурсите на СЈО и веројатно е дека имала повеќе соработници. Кои се и на кои нивоа биле, тоа може да го одговори само една темелна истрага, но затоа сметаме дека по автоматизам не би можел секој да биде на некоја битна позиција во обвинителството за организиран криминал и висока корупција, рече Милошоски.
Очекува дијалогот да продолжи со цел во догледно време да се приближат ставовите и да се преточат во заеднички предлог-текст или заеднички предлог-амандмани кои можат да го подобрат сегашниот Предлог-закон усогласен помеѓу СДСМ и ДУИ.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар вчера оцени дека случајот „Рекет“ е трансформиран во риалити шоу, а лажните вести и доведувањето во прашање на се и сешто, станаа модус операнди во земјата. Според него, само ако покаже дека може да се справи со сите случаи на криминал и корупција, судството може да ја врати довербата на граѓаните во него и во политиката.
– Мислам дека судството сфаќа дека можеби ја има последната шанса повторно да ја изгради довербата кај граѓаните со независна, целосна и брза истрага и процесуирање на случајот „Рекет“, како и на сите други случаи на СЈО. Судството треба да најде сила да му даде отпор на притисокот, независно од каде тој доаѓа и во тоа има целосна поддршка од наша страна, истакна Жбогар кој зборуваше на форум во Стопанската комора.
Претседателот на државата Стево Пендаровски смета дека случајот „Рекет“ не е бенчмарк, а нема ниту да биде до октомври, ако државните органи продолжат со овој досега соодветен начин на третирање на случајот.
– Во овој момент не е, моја проценка е, наша проценка е дека нема ни да биде до крајот на годината, бидејќи ова што досега го направија надлежните државни органи е соодветна реакција. Меѓутоа случајот очигледно е комплексен, да оставиме на надлежните органи да продолжат да го работат. Ако не продолжат со ова темпо, со оваа широчина и длабочина со која почнаа досега, тоа може да стане. Но, сега не е и нема да биде до октомври, истакна претседателот Пендаровски, кој вчера се обрати на состанокот на Амбасадорскиот совет.
И министерот за надворешни работи Никола Димитров, вели, не може да каже оти „Рекет“ е бенчмарк или дека е услов, меѓутоа, додава, колку повеќе се оди по добриот пат и во однос на истрагата, тоа ќе биде од помош и поддршка на напорите на нашите дипломати и државниот врв да обезбеди позитивна одлука во октомври.
Во однос на законот за ЈО, неговото донесување, потенцира Димитров, е од голема помош во работата на нашата дипломатија да обезбеди позитивна одлука во ЕУ за почеток на пристапните преговори.
– Тоа не е тајна, такви пораки доаѓаат и од Делегацијата овде и од амбасадори на земјите-членки и од министри, било да одиме ние таму на посета било да се тие тука. Зошто, затоа што успехот таков каков што е во досегашната работа на СЈО, ресурсите што се создадени треба да се зачуваат и да се надградат, да се гони висока корупција не само во однос на кризата во 2015 и 2016 година, туку воопшто, појасни министерот Димитров, додавајќи оти не е тајна дека на некои земји – членки тоа им е посебно важно.
Со Предлог законот за ЈО се предвидува Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите, односно СЈО и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да се спојат во едно јавно обвинителство кое ќе го носи називот Јавно обвинителствоза гонење организиран криминал и висока корупција.
Надлежностите на СЈО и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција треба да преминат во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција, кое ќе продолжи да ги води започнатите постапки во фазата во која се преземени. Понатаму, според предложениот законски текст, актуелниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Рускоска се предлага да продолжи да ја врши својата функција како јавен обвинител на Јавното обвинителство за организиран криминал и висока корупција до завршување на мандатот за кој е избрана.
Во однос на јавниот обвинител кој раководи со СЈО, се наведува, по завршувањето на мандатот се применува член 68 ставот (4) од овој закон (Јавниот обвинител на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција кој нема да биде повторно избран, Советот на јавни обвинители на РСМ го распоредува за јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија). Инаку, Советот за јавни обвинители, денеска ќе цени дали ќе започне постапка за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева која во моментов е во притвор во затворот Скопје за предметот „Рекет“ на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.
Воедно, јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција продолжуваат да ја вршат својата функција во Јавното обвинителство за организиран криминал и висока корупција до завршување на мандатот за кој се избрани, а јавните обвинители во СЈО до истекот на петте години од денот на нивниот избор.
Со денот на отпочнување на примената на овој закон, вработените во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и вработените во СЈО се прераспоредуваат во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција на соодветни работни места согласно со нивните претходно стекнати звања и работни места. Истото се однесува и за истражителите што се доделени на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција и на Јавниот обвинител на СЈО кои продолжуваат да ги вршат своите активности во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција, а архивата, материјалните средства и опремата кои ги користи и поседуваат ОЈО за организиран криминал и корупција и СЈО, исто така преминуваат како материјални средства и опрема на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција со право да ги користи и да располага со нив.
Во преодните и завршни одредби од законот пропишано е тој да отпочне да се применува од 15 септември, годинава.