Во функција на подобрување на односите и соработката помеѓу Република Северна Македонија и Република Казахстан, Министерството за правда и казхстанското Генералното обвинителство денеска во Скопје потпишаа три билатерални договори за меѓународна соработка и помош.
Како што соопшти Министерството за правда, договорите ги потпишаа министерката за правда Рената Дескоска и генералниот обвинител на Казахстан, Гизат Нурдаулетов.
На средбата, министерката Дескоска истакна дека и претставува голема чест и задоволство да ги потпише билатералните договори од областа на меѓународната правна помош. Станува збор за три договори за соработка: за екстрадиција, за меѓусебна правна помош во кривичната материја и за трансфер на осудени лица.
– Потпишувањето на овие договори е од големо значење за нашата држава и по нивното стапување во сила нема да биде оставен никаков простор за избегнување на правдата со искористување на правниот вакуум помеѓу двете држави. Со потпишувањето на овие три договори затворивме уште една рута од патот кој Репубика Северна Македонија го оди во борбата против криминалот и отворивме врата за успешна соработка помеѓу двете држави, истакна министерката Дескоска.
Од осамостојувањето, Република Северна Македонија со Република Казахстан немаше склучено билатерален договор, а со оглед дека оваа централноазиска држава не е потписник на конвенциите од областа, помеѓу државите претходно не постоеше правна основа за постапување по предметите за екстрадиција, трансфер и меѓусебна правна помош. се наведува во соопштението.
– Процесот на склучување на договорите, беше долг, почнувајќи од првобитната иницијатива на колегите од Казахстан за склучување на Договор за екстрадиција и Договор за трансфер од декември 2012 година, се до Договорот за меѓусебна правна помош од септември 2017 година, кои денеска успешно се завршени со потпишување на договорите, посочува Министерството за правда.
Со експанзијата на кривични дела со странски елемент во последните децении, степенот на меѓународната правосудна соработка во казнената област добива нови размери, а Република Северна Македонија ги следи сите меѓународни трендови во кривичната област. Во овој период Министерството за правда работи на цел пакет на закони со кои се предвидуваат бројни реформи се со цел на зголемување на ефикасноста на органите на кривичниот прогон и судството, како и унапредување на соработката на меѓународно ниво, стои во соопштението од Министерство за правда.