Претседателот на Владата, Зоран Заев придружуван од министерот за здравство, Венко Филипче, се сретна со Јакуб Ал-Атики, амбасадор на Државата Кувајт за Република Северна Македонија, придружуван од делегација од амбасадата, со седиште во Софија.
На средбата, соопшти владината прес-служба, се изразени честитки за решенијата на билатералните прашања на Република Северна Македонија со соседите, на што се гледа како на отворени можности за напредок и перспективна иднина на нашата држава.
Во таа насока, разговарано е за интензивирање на економската соработка меѓу Република Северна Македонија и Државата Кувајт и се разгледани можностите за олеснување на комуникацијата и движењата на претставниците на стопанските комори и бизнис заедниците на двете држави, како и на граѓаните.
Амбасадорот Ал-Атики соопшти дека има заинтересираност од страна на приватниот сектор во Кувајт за соработка со приватниот бизнис сектор во нашата држава, со оглед дека ваква соработка веќе се реализира со земјите од регионов.
Најавена е и донација од Кувајт за медицинска опрема во здравството.
Премиерот Заев се заблагодари за интересот за соработка со нашата држава и изрази политичка волја за поддршка на развојот на билатералните односи.
– Ова е време на сериозни исчекори во интеграциите на Република Северна Македонија, што веќе дава резултати во растот на економијата и подобрување на животниот стандард на граѓаните. За нас се од голема важност инвестициите, коишто значат нови работни места и повисоки плати, а веќе се бележат растечки трендови на зголемувања на платите и намалување на невработеноста. Сето тоа е резултат на посветеноста на Владата да обезбеди економски развој, преку интеграциските процеси, обезбедување владеење на правото и посветеноста кон развој на капацитетите на институциите, рече меѓу другото Заев, на средбата со кувајтскиот амбасадор Ал-Атики.