Македонската Алијанса дава целосна поддршка на барањето на МД „Илинден“ од Тирана за преиспитување на територијалната и административна поделба од 2015 година и враќање на Општините Голо Брдо и Гора. Времето покажува и потврдува дека Македонците од овие региони се оставени на милост и немилост. Затоа, неопходно е да им се овозможи преку локална власт самите да управуваат со овие општини, каде всушност се и мнозинско население. Ваквото барање во целост е во согласност со Резолуцијата донесена на 64-от овогодишен Конгрес на Федералната Унија на Европски националности – ФУЕН со која се бара образовна и културна автономија за нашите браќа и сестри во Албанија.
Земајќи предвид дека Пендаровски оствари средба со првиот Македонски пратеник во Албанскиот Парламент, Васил Стерјовски, очекуваме дека ќе премине од зборови на дела. Веруваме дека средбата не беше само декларативна и за фотографирање, туку Пендаровски ќе се одважи, ќе собере храброст и ќе даде поддршка за барањата на Македонците во Албанија. Земајќи предвид дека стана Претседател на Републиката како заеднички кандидат на Заев и Ахмети, логично би било да побара од ДУИ и неговите функционери конечно да почнат да лобираат кај Еди Рама за да неговата Влада ги третира Македонците со ист реципроцитет како што се третирани Албанците во Македонија. Македонците во Албанија веќе подолг период се таргет на Големо Бугарскиот национализам. Потврда за тоа е Резолуцијата на најголемите негатори на Македонскиот идентитет, Бугарските Европратеници, Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски со која во 2017 во Европскиот Парламент побараа Македонците од Преспа, Голо Брдо и Гора да бидат прогласени за Бугари.
Албанската Влада да отпочне постапка за пропорционална застапеност на Македонците во сите државни институции, органи на локална самоуправа и локална администрација каде што живеат Македонци, како и Македонски претставник во Управниот Одбор на Албанската Државна телевизија. Албанската Влада да отвори катедри за Македонски јазик на Државните Универзитети во Тирана и „Фан Ноли“ во Корча.
Нашата децениска борба за правата на нашите браќа и сестри Македонци во Егејска, Пиринска Македонија и Албанија е најсилен доказ дека Македонците и покрај сите предизвици никогаш не се предава и на крајот секогаш победува!
НАШАТА БОРБА ДОПРВА ПОЧНУВА! НИКОГАШ СЕВЕРНА, МАКЕДОНИЈА ВЕЧНА!
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски
Претседател,
МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА