Џафери-Алин: Шведска е подготвена да и помогне на Македонија во евроатланските интеграции

Шведска е подготвена да и помогне на Македонија и на билатерално и на меѓународно ниво за земјата што побрзо да ги оствари апсирациите за членство во Европската унија, му порачал претседателот на шведскиот Риксдаг, Урбан Алин на претседателот на македонското Собрание Талат Џафери на средбата што се одржа во рамки на неговата официјална посета на Кралството Шведска.

Во таа насока, Алин ги поздравил напорите на Македонија што поскоро да ги оствари реформиските процеси, но и неодамна одржаните локални избори, кои како што посочил, биле фер и демократски, нешто што меѓународната заедница и го очекувала од Македонија.

– Разменивме мислења околу состојбите во нашите две земји. Алин особено беше заинтересиран околу реформскиот процес, во која насока се движи Република Македонија. Го запознав дека сме на добар пат до крајот на годината да ги донесеме законите и измените на закони потребни за тој реформски процес. Тој изрази задоволство од тоа што Македонија го прави за да ги реализира реформите, како и подготвеност на Шведска да ја поддржи Македонија на билатерален и мултилатерален план, особено во контекст на зачленувањето во ЕУ, изјави по средбата претседателот на македонскиот Парламент.

Џафери посочи дека претседателот на шведскиот Риксдаг бил заинтересиран и за реформскиот процес во сферата на безбедносните структури во смисла на контрола на следење на комуникациите. Џафери го информирал дека интерресорската група предводена од министерот за внатрешни работи веќе ја претставила драфт верзијата пред Парламентот и оти со оглед на тоа што промените во тој дел вклучуваат и измени на други закони временски ќе потраат подолго и би можеле да бидат донесени во првата половина на наредната година. На тој начин, посочи Џафери, ќе може да се воспостави целосна парламентарна контрола на сите власти, таму каде таква улога има Собранието.

На средбата двајцата соговорници констатирале дека институционалната комуникација не е на највисоко, и оти недостигаат заеднички посети и средби.

– На заедничко мислење сме дека она што го започнавме на ниво на претседатели на парламенти, другите институции ќе треба да го следат и оти треба да зачестат средбите и комуникациите за да може таа соработка да се прошири и продлабочи во конкретни аспекти, рече Џафери.

Информираше и дека Алин бил заинтересиран во врска со спроведување на законите за заштита на животната средина, при што потенцирал дека се подготвени да ги споделат искуствата по однос на подготовката и спроведување на прописите во оваа сфера и со централните и со локалните власти.

Претседателот на македонското Собрание денеска во рамки на посета на Шведска ќе се сретне и со службеници и истражувачи од Школата за економија на Стокхолм, и Музејот Васа.

Тој претходно имаше средба и со министерката за надворешни работи Маргот Валстром, и аудиенија кај шведскиот крал Карл XVI Густаф. На двете средби била изразена поддршка од Шведска за еврпските аспираци на Македонија, но и било констатирано дека соработката меѓу двете земји треба и натаму да се продлабочува.

Пред средбите со министерката за надворешни работи и аудиенцијата кај кралот, претседателот на Парламентот имаше средба и со градоначалничката на Стокхолм, Ева-Луиз Ерландсон Слорах.

Во македонската собраниска делегација, што ја предводи Џафери, се и пратениците Фросина Ременски, Ејуп Алими и Фадил Зендели. Официјалната посета на претседателот на македонскиот Парламент на Кралството Шведска се реализира на покана на неговиот домаќин, претседателот на шведскиот Риксдаг, Урбан Алин.

Кралството Шведска е уставна монархија. Од 1973 шеф на државата е кралот Карл XVI Густаф. Еднодомниот парламент Риксдаг брои 349 пратеници кои се бираат преку пропорционален модел за мандат од четири години. Премиер на Шведска од 2014 година е Стефан Лофвен од Социјалдемократската партија.

Дипломатските односи меѓу Македонија и Шведска се воспоставени во 1993 година. Од 2002 година, Кралството Шведска во билатералната комуникација го користи уставното име додека на меѓународни собири ја користи референцата.