Во Обвинителството за организиран криминал трае сослушувањето на обвинителката од СЈО Лиле Стефанова во врска со случајот „Рекет“.
Стефанова го води предметот „Империја“ во кој обвинет е бизнисменот Јордна Камчев, еден од актерите и во случајот „Рекет“.
Стефанова и нејзината шефица во СЈО Катица Јанева беа спомнати во снимените разговори и видеата што ги објави интернет изданието на италијанскиот весник „Ла Верита“, а во врска со случаите „Рекет“ и „Империја“.
Обвинителката Стефанова по објавувањето на видеото во кое беше спомната од Камчев, во пишана изјава до медиумите ги негира неговите тврдења, оценувајќи ги како обид да ја дискредитира како обвинител.
– Целосно е невистинито искажувањето на осомничениот Јордан Камчев во објавената снимка во која си дозволил да го употреби моето име. Сметам дека целта на ова изнесување е да ме дискредитира како обвинител, кој ја води постапката против него, особено што го снимал разговорот со лицето Бојан Јовановски, наведе Стефанова.
Таа искажа подготвеност да соработува со Обвинителствово за организиран криминал за комплетно да се расчисти целиот случај „Рекет“.
Од ЈО засега не откриваат дали и кога ќе биде повикана и специјалната јавна обвинителка Јанева.
Вчера, пак, во Јавното обвинителство беше повикана за случајот „Рекет“ даде исказ обвинителката Елизабета Јосифовска од Специјалното јавно обвинителство.
Јосифовска претходно потврди дека таа го потпишала позитивното мислење за враќање на пасошот на осмоничениот во „Империја“, Орце Камчев, но појасни дека одлуката била на Јанева и таа како нејзина заменичка била должна да ја потпише, бидејќи ја заменувала додека била на одмор.
Истрагата за „Рекет“ во Јавното обвинителство ја води шефицата на организиран криминал Вилма Рускоска.