ЈОРСМ: Изјавата на Пендаровски за „Рекет“ ќе беше реална ако повикаше да се изгласа Законот за ЈО

 Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРСМ) денеска реагира на вчерашната изјава на претседателот Стево Пендаровски за случајот „Рекет“.
Не е време за напади на институциите, наведува ЈОРСМ и додава дека нема да дозволи дискредитирање на обвинители и мешање во кривични постапки од страна на политичарите.

-Изјавата на претседателот на Република Северна Македонија дека дава целосна поддршка на обвинителството и дека ќе ги употреби сите уставни и законски овластувања за да го заштити од притисоци ќе беше реална, доколку повикаше пратениците да го изгласаат Законот за јавното обвинителство и доколку дадеше поддршка за зајакнување на капацитетите на обвинителството за поефикасна борба против криминалот и владеење на правото, стои во соопштението од Обвинителството.

ЈОРСМ ја уверува јавноста дека за посочениот предмет се постапува неселективно и навремено, според утврден план на истрагата и дека сите инволвирани во кривични дела ќе бидат сослушани или испитани и ќе одговараат согласно законот.

-ЈОРСМ уште еднаш потенцира дека подлегнувањето на политички притисоци и мешање во работата на обвинителството, штетно влијае врз текот и успешноста на истражната постапка и врз обезбедување на доказите, се наведува во денешното соопштение од Обвинителството.