Пендаровски: Не смееме да оставиме ниту најмал сомнеж дека не сме подготвени членство во ЕУ

 Мораме брзо да ја расчистиме аферата „Рекет“ од аспект на евроатлантските интеграции. Можеби не во однос на НАТО, бидејќи таму сме во завршните фази од процедурата, но во однос на ЕУ не смееме да оставиме ниту најмал сомнеж, ниту кај една единствена земја членка на ЕУ дека ние не сме подготвени да расчистиме и вакви случаи.

Ова е пораката што ја упати на денешната прес-конференција претседателот на државата Стево Пендаровски.

Колку оваа афера „Рекет“ ќе влијае на добивањето датум за почеток на преговори со ЕУ, претседателот Пендаровски е дециден дека во овој момент од информациите што ги има од ЕУ и Европската комисија, нема промена во ниту една земја членка во насока за ревидирање на нивниот став. Тој потсети дека одложувањето во јуни беше од технички причини заради германскиот Бундестаг, кој од 27 до 28 септември треба да ја одржи сесијата на која ќе даде зелено светло.

– Нема промена, но ние мораме да дуваме и на јогурт. Не смееме да се опуштиме. И помали афери од оваа се повод некои од земјите членки, бидејќи не го сакаат проектот на проширување, да кажат не ни требаат овие од Западен Балкан, кој било. Имаме обврска да не им дадеме аргумент плус, но таквите нивни политички настојувања, оцени Пендаровски.

На новинарско прашање дали овие случувања ќе влијаат на евроинтегративните процеси претседателот Пендаровски потенцира дека утрово разговарал со некои од неговите пријатели во Брисел, кои го увериле оти досега нема битна промена на расположението во главните градови кои решаваат за интеграциите.

Шефот на државата уште еднаш повтори дека сме во завршните фази за членство во НАТО, иако постои мала теоретска можност, појасни, да не се заврши до 4 декември до Лондонскиот самит, бидејќи Шпанија во моментот нема влада и можно е теоретски да не стигне да го ратификуваат Протоколот за нашиот пристап во Алијансата.

Во однос на членството во ЕУ, Пендаровски истакна дека постојат земји-членки на ЕУ кои години наназад го имаат ставот оти се против проширувањето во принцип, а не се против Северна Македонија.

– Не смееме преку вакви случаи, преку инертност или не постапување на државните надлежни органи да им дадеме и најмал повод да размислуваат во таа насока, изјави претседателот на државата.

На прашањето дали чита нешто меѓу редови со оглед на тоа што овој случај стана орудие за препукувања меѓу европската екстремна десница и левицата, Пендаровски се осврна на тоа дека неколку години наназад се случуваат вакви ситуации во различни европски држави, особено во посткомунистичките, во кои еден случај што има широки и длабоки пропорции се користи за политички цели.

– Мене не ме вознемирува и не мислам дека ова се прави само со Северна Македонија и со нашите аспирации да влеземе во НАТО и во ЕУ. Се случува и ќе се случува, тоа е политиката – едни имаат проевропска агенда, други антиевропска агенда и не гледам нешто многу специфично во таа смисла, потенцира тој.

Додаде дека нашата задача е да не им дадеме повод, а тој како дел од таа структура која мисли дека ЕУ е добра шанса за развој на земјата, мисли оти ние треба оваа агенда да ја наметнеме до крај, инаку се друго, како што рече, ќе биде замајување. – Можеме да зборуваме за козметички преправки на нашиот општествено – политички и економски систем, но тоа во Брисел ќе го препознаат и нема да не повикаат, рече Пендаровски.

Претседателот Пендаровски информира дека засега нема да свика седница на Советот за национална безбедност, затоа што, рече, сите информации кои ги добива од надлежните органи кои се под негова надлежност, но и од оние кои не се под директна негова надлежност, а го информираат, таква опасност по интегритетот и суверенитетот не постои во овој момент.

– Индикаторите кои ги означуваат трендовите исто така не кажуваат дека наскоро може да има влошување на безбедносната состојба во таков обем да мора да се свика Советот за безбедност, изјави Пендаровски и изрази уверување дека 24/7 се следат состојбите и ако постои каква било опасност ќе заседава Советот и нема да оди на колективен одмор.