Општина Охрид дел од проектот „Interreg Balkan – Mediterranean 2014-2020″ на ЕУ

Дигитализација и промоција на културното наследство, развој на културниот туризам и едукација на младите и туристите за значењето на културното наследство, се целите на проектот што ќе го имплементира Општина Охрид, како дел од програмата „Interreg Balkan – Mediterranean 2014-2020″ на Европската унија.

Преку проектот насловен „Интер-регионално управување со културното наследство, Е-систем”, што се имплементира со посредство на Универзитетот за технологија од Кипар како водечки партнер, младите од Охрид ќе се едуцираат за значењето на културното наследство и богатство со кое располага градот.

Деталите за самиот проект ќе бидат презентирани пред младите од градот во рамки на инфо-денот што по тој повод ќе се одржи на 16 овој месец во Охрид.

Инаку, како учесници во проектот уште се вклучени и Истражувачкиот и иновативен центар за информации, комуникација и технологии од Атина, заедно со грчките општини Самос и Крф, како и општина Ѓирокастро од Албанија.