Италијанскиот весник „Ла Верита“ кој денеска ја објави снимката со Бојан Јвановски, Зоран Милески и Јордан Камчев, во изминатите неколку години важи за медиум близок до сегашната опозиција во земјата, пишува Дојче веле.
– „Ла Верита“ беше првиот странски медиум кој пред еден месец информираше за „бомбата“ објавена на руски мрежи, а во која генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, наводно го мести победникот на тендерот за набавка на опрема за М-НАВ. Тогаш „Ла Верита“ објави текст под наслов „Скандал во Скопје – ‘Тендер за Леонардо: Циганите како нас’”, а текстот го илустрираше со фотографија на премиерот Заев. Во тој весник место наоѓаа ставовите на ВМРО-ДПМНЕ за време на политичката криза, но и по изборите во декември 2016 година. Во јануари 2017 година весникот објави интервју со тогашниот министер за надворешни работи, Никола Попоски, под наслов „Сорос да престане да го дестабилира Скопје“. Веста дека италијанскиот весник објавил снимка од криминални активности на осомничените во „Рекет“, утрово први ја објавија медиумите блиски на опозицијата. Не се исклучени и сомневања дека патот на снимката од Скопје до италијанскиот весник поминал преку Будимпешта, наведува Дојче веле.
„Ла Верита“, како што пренесува „360 степени“ важи за близок до италијанската есктремнодесничарска партија Лига, која ја предводи актуелниот министер за внатрешни работи на Италија, Матео Салвини. Во него во континиутет се објавуваат информации со кои се атакува на сите што размислуваат поинаку од Салвини, Орбан, Јанша, Ле Пен и од останатите претставници на радикалната десница.
Инаку, авторот на текстот во „Ла Верита“, Ларис Гајсер е Словенец со италијански пасош. Тој е претседател на Паневропското движење на Словенија, дел од претседателството на меѓународната Паневропска Унија. Заедно со него, во претседателството на оваа организација е и доскорешниот македонски амбасадор во Брисел и советник на поранешниот премиер Никола Груевски, Андреј Лепавцов. На парламентарните избори во 2011 година Гајсер бил кандидат на изборите за десничарската Словенечка народна партија (СЛС).
Во денешниот текст, кој во голема мера е посветен на случајот „Рекет“, конструирајќи политичка позадина, во центарот на вниманието се става улогата на Европската комисија и на германската канцеларка Ангела Меркел во македонската политика.
„Ла Верита“ пишува дека „цела Европа, последните години е во сериозна опасност од пристапот на претставниците на Брисел кон чекорењето на Скопје кон ЕУ, главен град на држава со ограничен суверенитет во кој политичките актери не се ништо друго освен марионети во една претстава која ја водат прилично моќни меѓународни преставници“. Во текстот директно се обвинува германската канцеларка Ангела Меркел дека стои зад „бомбите“ на Заев, кому му ги предала за да може по неговото доаѓање на власта да манипулира со него.
„Ла Верита“, чија мета постојано е и американскиот филантроп Џорџ Сорос, тврди дека и тој партиципирал во германскиот план, со тоа што ја финансирал „Шарената револуција“. – Планот на надворешните сили успеал, иако ВМРО-ДПМНЕ постојано ја оспорувала вистинитоста, содржината и методите на прислушувањето. Формирањето на СЈО под притисок на Европската Комисија и процесите и истрагите што тоа ги преземало, според „Ла Верита“, целосно ја промениле политичката сцена, се наведува во текстот на „360 степени“.
„Независен“, пак, пишува дека Ларис Гајсер, новинарот што го објави видеото, е и политички активист и познаник на претходниот претседател Ѓорѓе Иванов.
– Иванов беше чест гостин на конференциите и состаноците на таканаречената Паневропска унија (составена главно од преставници на конзервативните партии во Европа), а на една таква средба во Австрија, што ја организирал Гајсер, направиле и заедничка фотографија, објавува „Независен“.
„Фокус“ исконтактирал со Ларис Гајсер, кој засега не сака да открие ништо за материјалите што ги поседува и најави дека ќе продолжи да ги објавува.
– Се ќе стане многу појасно наскоро. Следете ме во наредните денови, изјавил Гајсер.
Тој не открива дали материјалите што ќе бидат објавени се документи или нови видеа и дали ја компромитираат специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.
Италијанскиот весник „Ла Верита“ денеска во онлајн изданието објави видео од средба на осомничените во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски (Боки 13) и Зоран Милески (Кичеец) со бизнисменот Јордан Камчев.
Во објавеното видео што било снимено во февруари годинава, како што наведува весникот, се гледаат спакувани евра со рачно испишани спецификации на листови хартија, а се слуша и разговор на Јовановски и Камчев за предмет на СЈО во кој ја спомнуваат и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.