ЈОРМ со кривична пријава и барање за притвор за поранешниот директор на Централниот регистар

 Кривична пријава и барање за притвор ќе поднесе Основното јавно обвинителсво од Скопје против поранешниот в.д. директор на Централниот регистар, Андреа Поповски поради сомнеж дека ги злоупотребил службената положба и овластувањата. Поповски кој вчера беше приведен, се товари дека вработувал партиски кадри.
Како што соопшти денеска ЈОРМ, Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против пет лица, од кои едно е осомничено за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.3 во врска со ст.1 од Кривичниот законик, додека останатите четири лица се осомничени за помагање при извршување на истото кривично дело.

-Во периодот од 16.12.2014 година до 29.05.2017 година, првоосомничениот во својство на вршител на должноста директор на Централниот регистар, со пречекорување на границите на своето службено овластување, усно наредил една вработена да биде евидентирана како редовно присутна на работа во месечните листи кои ги изготвувало Одделението за човечки ресурси, иако бил свесен дека цело време вработената воопшто нема да доаѓа на работа, туку ќе биде ангажирана за партиски активности на една политичка партија. Спротивно на законските акти и правилниците на Централниот регистар, таквата листа била доставувана до Одделението за финансиско-сметководствени работи и врз основа на тоа на вработената неосновано и била исплаќана плата и придонеси на плата, со што била нанесена значителна штета на буџетот на институцијата, стои во соопштението.

Останатите четворица вработени, од кои тројца од Одделението за човечки ресурси на Централниот регистар и едно одговорно лице за работењето на Регионалната регистрациона канцеларија – Скопје, пак, се осомничени дека со умисла му помогнале на в.д. директорот во извршувањето на кривичното дело.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, се посочува, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје ќе достави Предлог за определување мерка притвор за првоосомниченото лице, додека за тројца од останатите осомничени ќе биде побарано определување мерки на претпазливост со цел да се обезбеди нивното присуство во текот на кривичната постапка, стои во соопштението од ЈОРМ.