Судењето за предметот “Таргет-Тврдина“, што се однесува за незаконското прислушување и за уништување на опремата од прислушувањето, е одложено за 27 март.
Во овој предмет обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски.
Судијката Џенета Бегтовиќ на денешното рочиште рече дека согласно новиот распоред за работа на судиите во Кривичниот суд, на новиот судечки совет му е потребно време за да го проучи обемниот доказен материјал од предметот.
Бегтовиќ додаде дека судијата Горан Бошевски, кој е дел од петчлениот судечки совет поднел барање за изземање, бидејќи тој го оценувал обвинителниот акт за „Тврдина-Таргет“.
Судијката Бегтовиќ рече дека обвинетите Валентина Симоновска и Маријан Шумоликоски до Судот доставиле листи на материјални докази кои на денешното рочиште им беа дадени на обвинителите на СЈО, Ленче Ристоска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро.
Наредното рочиште е закажано за 27 март, до кога пак се очекува во земјава да бидат екстрадирани бегалците Горан Грујевски и Никола Бошковски, исто така обвинети во овој случај.
За „Таргет – Тврдина“ досега беше одржано само едно рочиште, на 22 декември. Судијката Ленка Давиткова тогаш го одложи судењето бидејќи, како што кажа, не се исполнети законските претпоставки за одржување на главната расправа.
Истрагата за предметот „Тврдина“ беше отворена на 29 март 2016 година, а за предметот „Таргет“ на 17 ноември 2016 година, а поради нивната поврзаност се споени во еден предмет. Обвинението е подигнато на 30 јуни 2017 година.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани