Министерството за европски интеграции на Србија и Министерството за локална самоуправа на Северна Македонија утре во Лесковац ќе организацираат собир по повод објавувањето на првиот јавен повик за доставување на предлог проекти во рамките на ИПА II програмата за прекугранична соработка Србија – Северна Македонија за периодот 2016-2020 година, соопштија од српското министерство за европски интеграции.
На собирот ќе говорат Јадранка Јоксимовиќ, министер за европски интеграции на Република Србија, Горан Милевски, министер за локална самоуправа на Република Северна Македонија, амбасадорот Сем Фабрици, шеф на делегацијата на ЕУ во Србија, Марко Јовановиќ, помошник министер од Секторот за склучување договори и финансирање програми од Европската унија (ЦФЦУ) на Министерството за финансии на Србија и Горан Цветановиќ, градоначалник на Лесковац.
Повод за организирање на настанот е претставување на Програмата за прекугранична соработка меѓу Србија и Северна Македонија, како и информирање на партнерските организации и институции од двете држави за можностите за пријавување на заеднички проекти на првиот повик за доставување на предлог проекти.
Европската унија одвои 3,5 милиони евра за прекугранична соработка меѓу Србија и Северна Македонија за периодот до 2020 година. Оваа програма се спроведува во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА II) на Европската Унија, што ја поддржува прекуграничната соработка со цел промовирање на добрососедски односи, социо-економскиот развој и поттикнување на евроинтеграциите.