Тесалиското племе Тирои – I дел

Делото „Од Панонија до Егеј“ од Антоније Шкокљев-Дончо и Славе

 Николовски-Катин, во издание на „Македонска искра“, Скопје, 2007, 1-196,е напишана со желба да понуди еден научен поглед, еден систематизиран прилог за овие европски простори од праискона, што можеби би било предизвик на одредена пројава на научниците, пред се’ историчарите и лингвистите, за неконформистичка анализа на праисторијата врз основа на новите извори на информации.

Едно од тесалските племиња од Димини културата од подунавските простори биле Тироите. Томсон (1954 г., 134) смета дека Тироите и Лапитите биле гранки од ист народ. Додека Лапитите го населувале североисточниот дел од Еолија (Тесалија), Тироите биле населени во рамницата околу Пегаситскиот Залив, околу денешниот град Волос. Нивна прва татковина биле населбите покрај море, како што биле: Филаке, Ферај, Јолк, Нелеја, Бојбе и Кранон. Археолошките локалитети на Димини културата се наоѓаат покрај античката населба Јолк.

Тироите го носат епонимот на својата прамајка по име Тиро. Зборот тиро значи сирење, а иста ономастика имало и местото на стариот плоштад во Атина, каде што се продавало свежо сирење. Во нашите палеоглосолошки истражувања на ономастиката во Србија, топоним со исто име како сир-аково, најдовме во Стичкото Поле, источно од Пожаревац и Млава. Во Македонија постои село Сирково, Велешко.

pajo2

Пиндар (Ryth., 4, 138) кажува дека Тироите мигрирале на север, преку Македонија, и дека нивната прамајка Тиро се заљубила во богот Посејдон од Петра на падините на Олимп. Како своја религија, верувањето во богот Посејдон го донеле со себе и доселениците Тирои, како и нивните сонародници Лапити.

Во митологијата името Тиро се јавило во праисторијата, како во Тесалија, така и во Елида на северозапад на Пелопонез. Тесалската Тиро била жена на богот Посејдон (Херодот, VIII, 55 и Паусанија,II, 1 и понатаму), но и на Кретеј, кралот на Јолк, кој бил син на Еол.

Родоначалникот на сите Еолци, кралот Еол, во Одисеја (Х, 176) се јавува како господар на сите ветрови и крал на карпестите пловечки острови на Еолија. Според друго предание, тој бил син на богот Посејдон и Меланипа, која била ќерка на Елениниот син Еол, внука на кентаурот Хирон. Кај Хомер (I, 1, VI, 152 и понатаму), како и кај Одисеја (II, 235 и понатаму), Еол бил татко на Кретеј и Сизиф, додека кај Хесиод, како негови синови се вбројуваат уште Атамант, татко на Фрикс, Салмонеј и Периер, а кај Аполодор (Библ. I, 73) и Магнет.

Според подоцнешните легенди, кои ги бележел Паусанија (IX, 20 и 40), Еол бил епонимен херој на Еолците, син на Хелен и нимфата Орсида, брат на Дор и Ксут и татко на седум синови и пет ќерки, меѓу кои биле: Кретеј, Сизиф, Атамант, Магнет и др. Бидејќи Хелен, Дор и Јон не му биле познати на Хомер, Томсон (1954 г., 128-130) смета дека односите на Еолците со Хелен, Дор и Јон се подоцнежни и тежнееле трите одвоени и етнолошки различни племиња на почвата на Елада, Ахејците, Еолците и Дорците-правите Хелени, да ги спојат во единствен хеленски етнос.

Заради тоа, за Хелен, Дор и Јон не се продолжува да се зборува во овие анализи. Понатаму Томсон истакнува дека е симптоматично Сизиф и Кретеј генеолошки да потекнуваат од Тесалија (Еолија) и да имаат тесалски имиња, кои им припаѓаат на Минијците и Лапитите, односно на носителите на палобалканскиот јазик од Подунавје, кој бил база за подоцнешниот грчки јазик.

Синот на Еол, Сизиф, според митологијата, бил крал на тесалската Ефира (подоцнешен назив Кранон). Страбон (328 и понатаму) тврди дека со името Ефира се јавуваат пет градови во Елада, и тоа во Тесалија, на Коринт, во Елида, во Епир и во Етолија. На овие простори во праисторискиот период не биле евидентирани Ахејци, Дорци и Јонци. Како владетел, Сизиф важел за грабливец и итар човек.

pajo3

Тој често ги откривал тајните на боговите, па затоа по смртта во Хад, по казна на Зевс, морал да ја турка карпата по нагорнина, која постојано паѓала и се враќала во подножјето -„Сизифова работа“. Според Аполодор (Библ. I, 7), како негови деца се споменуваат: Миниј, Алмо. Терсандер, Глаук, Орнит и Одисеј. Сизиф бил погребан на Истма на Пелопонез, а митот за него го користеле Есхил, Софокле и Еврипид во нивните драми.

Алмо имал тесалско име и во митологијата се споменува меѓу кралевите на минискиот Орхомен. Неговата ќерка Хриса му родила син на богот Ареј, по име Флегиј, додека другата ќерка Хрисогенија го родила синот Хрис, кој бил Аполонов свештеник во градот Хрис во Тројада. Ќерката на Хрис, Хрисоида, била убава и чесна девојка која Грците ја заробиле во походот на Троја. Потоа му била дадена како плен на врховниот грчки војсководец Агамемнон.

Следниот Сизифов син Орнит бил вледетел на Локрида. Владеењето му го пренел на својот син Фок, додека другиот син Троант владеел со Коринт.

Трoaнт го наследил татковиот престол во Коринт. Во време на неговите предци, Дорците-Хелени, под водство на Алет ја освоиле коринтската област во 1100 година пред Христа.

Фок е епонимен херој на Фокида и маж на Антиопа. Терсандер е епонимен херој на градот Коронеја во Беотија, близу минијскиот Орхомен.

Во коринтскиот мит Глаук е син на Сизиф и татко на Белерофонт. Владеел со Коринт (Ефир) и бил прочуен како одгледувач на коњи, особено кобили.

Белерофонт бил познат коринтски херој. Заради убиството на Белер морал да го напушти Коринт и да отиде во Тиринт, каде кралот Прет го ослободил од гревот. Сопругата на Прет се вљубила во Белерофонт, па поради интригите морал да го напушти Тиринт, а по налог на Прет бил испратен во Ликија кај негов пријател. Со помош на боговите и својот крилест коњ Пегаз направил значајни херојски дела.

Кога кралот на Ликија Јобат видел дека кон овој дојденец боговите биле наклонети, му отстапил половина кралство и го оженил со својата ќерка Филиноја. Со неа имал двајца синови, Хиполох и Исидер и ќерка Лаодамија. Белерофонт бил почитуван како  херој во Коринт и во Ликија. Негов внук бил Сарпедон, син на Лаодамија и Зевс.

Сарпедон бил владетел на Ликија, поседувал големи имоти и бил почитуван како бог. Учествувал во Тројанската војна од страната на Тројанците и се борел јуначки со Патрокло, кога и загинал. Бил погребан во Ликија. Еден од Еоловите потомци бил и Филак, основач на градот Филака во Тесалија и бил познат херој. Биле прочуени неговите говеда (Хомер, I, 1, II, 705). Негова жена била Климена, ќерка на кралот Миниј. Нивни деца биле Ификло и Алкимеда, која била мајка на Јасон и била омажена со Есон, од племето Тирои. Ификлo бил познат тркач и учествувал во походот на Аргонаутите, во 1225 година пред Христа. Деца на Ификло и Астиоха биле Подарко и Протесилај.

Протесилај бил помладиот син на Ификло. Се оженил со Лаоданија, ќерка на Акасто. Неговиот дедо Акаст бил син на кралот Пелија од Јолк во Тесалија. Во брзањето што побрзо да тргне во Тројанската војна, Протесилај заборавил да принесе жртва при венчавањето, па го навлекол на себе гневот на Афродита. Пред почетокот на Тројанската војна, на Грците им било проречено дека првиот јунак кој ќе стапне на тројанско тло ќе го изгуби животот. Невнимателниот Протесилај бил тој, а бил убиен од тројанскиот херој Хектор. Протесилај бил погребан на тракискиот Херсон.

Но, во Хадот не можел да ја заборави својата Лаодамија. Бидејќи боговите се сожалиле на несреќниот јунак, му дозволиле кратко да се врати во својот дом во Тесалија. Кога дошла разделбата, Лаодомија, која не можела да ја преживее разделбата, пресвиснала од бoлка во неговата прегратка. Потоа жива се фрлила во оган и го завршила својот живот. Љубовта меѓу Лаодомија и Протесилај ја овековечил Еврипид во трагедијата „Протесилај“.

pajo4

Богот Зевс

Генеологијата на Еолците продолжува со синот на Еол Кретеј и неговата женидба со Тира, чие име се јавува како во Тесалија, така и во Елида на Пелопонез.

Во легендата на тесалиските Тирои, Кретеј бил смртник, крал на Јолците. Тој се оженил со својата внука од брат Тира, која му родила тројца синови, Ферет, Амитаон и Есон. Кретеј ги усвоил и двете деца на неговата сопруга со богот Посејдон, Пелија и Нелеј (Аполодор, Библ. I, 7, 3).

Ферет бил основач и епонимен херој на градот Фере (Рига од Фере) во Тесалија, северозападно од Волос. Ферет бил оженет со Периклимена, ќерка на кралот Миниј, по потекло од Подунавје. Нивни деца биле: Адмет, Еидомена, Периопеда и Ликург, кој бил крал на Немеја за време на походот „Седуммина“ против Теба, 1213 година пред Христа. Адмет го наследил својот татко Ферет. Како крал на градот Фере, го проширил своето владеење на уште четири тесалиски градови, а подоцна и на цела Тесалија (Еолија).

Вториот син на Кретеј и син на Тира, Амитаон, се оженил со Феретовата ќерка Идомена, која му родила двајца синови, Мелампод и Бијант. Тие со своите приврзаници мигрирале во Пелопонез. Аполодор (Библ. I, 1, 2, 2) бележи дека тие биле внуци на Кретеј, но и Минијци. Според Паусанија (VI, 17, 6), потомците на Малампод и Бијант живееле во Мегара во Атика, Месенија и Акарнанија.

Продолжува

Sh Donco  slave

Пишуваат: АКАДЕМИК А. ШКОКЉЕВ – ДОНЧО И СЛАВЕ КАТИН