Крушево со соопштение за прославата на 2 август на Мечкин Камен

Општина Крушево во соработка со Министерството за внатрешни работи и со Владата ќе ги преземат сите мерки кои стојат на располагање за прославата на големиот празник Илинден да помине без проблеми, без да се повторат насилните инциденти од минатогодишната прослава на празникот на Мечкин Камен, соопштуваат од локалната самоуправа на Крушево.

-Празникот Илинден е празник на сите граѓани на Република Северна Македонија без оглед на етничката, религиската или партиската припадност. Секој граѓанин на државата има право овој празник да го чувствува и чествува како свој. Поради тоа што овој празник им припаѓа на сите граѓани, Општина Крушево во соработка со Министерството за внатрешни работи и Владата ќе ги преземат сите мерки кои стојат на располагање за да не се повтори насилното однесување од минатата, 2018 година, кога претставници  на САД, владини претставници, членови на Советот на НКС „Десет дена Крушевска Република“ како и други, беа физички нападнати на Мечкин Камен.Наша обврска е на достоинствен начин на 2 Август да ги испочитуваме сите борци за слобода на нашата држава и заеднички да прославиме за вредностите на нашето општество: мултиетничност, толеранција и соживот, стои во сооптешнието на крушевската локална самоуправа.

Преку ова соопштение се апелира до сите кои го почитуваат овој голем македонски празник и ќе присуствуваат на централната прослава на Мечкин Камен во Крушево, одбележувањето на настанот да го проследат на мирен и достоинствен начин, нагласувајќи „на 2 Август сите заедно да покажеме дека сме вистински патриоти“.