Во рамки на придружната програма на фестивалот „Илинденски денови“, денеска и утре во Битола се одржува детска ликовна работилница на тема „Народната култура – трајна инспирација во моето творештво“.
Според ликовните педагози Весна Дунимагловска и Александар Поповски, најмладата популација, учениците до четврто одделение најмногу се интересираат за ликовната уметност и нивните размислувања најчесто преку слика и во различни прилики ги искажуваат.
-Мојата работилница ја насловив како „Линијата во народното творештво, како инспирација“ за да пробам како основниот ликовен елемент – линијата, била инспирација од дамнешни времиња, можност за изразување на човекот и комуникација со другите луѓе, без разлика дали станува збор за ритуали, сликовното писмо или пишувањето на буквите кое секогаш се врши со помош на линијата. Со најмладите учесници ќе работиме на конкретен пример со сребрена жица да се изработи накит, или пак со конец да се изработи вез, истакна Дунимагловска.
Учесниците на традиционалната детска ликовна работилница со помош на професорот Александар Поповски ќе учат и изработуваат стрип инспириран од народното творештво.
-Како мотив за изработка на стрипот ќе користиме повеќе примери, односно свадба, народна приказна, досетка…и други примери во кои творештвото ќе биде вклучено како визуелен момент со облеки и носии, а ќе има и пишуван дел за кратки приказни. Искрено очекувам учениците да изработат интересни стрипови посебно мотивирани од народното творештво со што би се пополнила една празнина од стрипови инспирирани од македонското народно творештво, нагласи Поповски.
Во рамки на предфестивалската програма, вечер во Битола ќе биде изведена музичко сценската драма „Надеж“ чиј автор е Маја Митровска, а е инспирирана од македонскиот фолклор.