Мислењата на сите чинители во општеството – граѓанскиот сектор, медиумите, вклучувајќи ги и стратешките партнери – НАТО и ЕУ, ќе бидат земени предвид при изработката на финалната верзија на Акцискиот план за справување со дезинформациите кој вчера беше претставен во Владата.
Предлог акцискиот план е сублимат на препораките во борбата со дезинформациите по примерот на мерките на ЕК, Советот на Европа, секторот за комуникации на НАТО, соработката за професионализација на комуникациите со Британската амбасада, со УСАИД, со Европската мрежа за дигитална комуникација и други.
Премиерот Зоран Заев, при презентацијата на Акцискиот план, вчера на прес-конференција во Владата, истакна дека лажните вести стануваат сериозен упад во демократските и изборните процеси и влијаат на довербата на граѓаните во институциите и медиумите.
-Дезинформациите се еден од главните предизвици за демократијата во 2019 година и алатка за манипулација со граѓаните. Злоупотребата на технологијата за креирање лажни ентитети и непостоечки измислени случувања станаа сериозен упад во демократските и изборните процеси и сериозно се закануваат да влијаат на довербата на граѓаните во институциите и медиумите, изјави на вчерашната прес-конференција премиерот Заев.
Тој додаде дека земјава во изминатите две години во повеќе наврати се соочила со масовно ширење дезинформации на социјалните мрежи и на традиционалните медиуми, а, како што рече, дел од информациите биле споделувани и од територии на други држави.
-Како одговор на овие сајбер закани и согласно заложбите за отвореност, отчетност и транспарентност Владата работи на Акциски план за справување со дезинформациите на системско ниво. Наша цел е да ја зајакнеме националната безбедност и сигурноста на граѓаните на нашата земја и да ја браниме и унапредуваме демократијата, рече Заев.
Планот се состои од два дела, во првиот се опфатени безбедносни, а во вториот проактивни мерки. Во делот на безбедносните мерки, се предвидува: ревидирање на постоечките и креирање нови внатрешни бебзедносни протоколи за комуникација во институциите и со надворешните субјекти со цел намалување на можности за протекување сензитивни информации, воведување безбедносни протоколи за дигитални комуникации за сите државни службеници за безбедно користење интернет, службена електронска пошта и службени мобилни телефони и зајакнување на внатрешната ИТ инфраструктура во Владата и министерствата за спречување надворешни напади на инфраструктурата. Во овој дел премиерот Заев ја спомена и веќе извршената промена на неговиот телефонски број и на мобилниот уред и имплементирањето безбедносен протокол за дигитални комуникации. Се предвидува и воспостваување протокол за кризни комуникации помеѓу Владата и министерствата со цел брзо спротивставување на дезинформации кои се шират преку социјални мрежи и интернет портали.
Во делот на проактивните мерки, меѓу другото се предвидува формирање Акциска група за борба против дезинформациите во која ќе учествуваат претставници од канцелариите на премиерот, на претседателот на државата и на Собранието, од МВР; МНР, МО, УБК Агенцијата за разузнавање и други институции чија задача ќе биде анализирање и следење на појавите на дезинформирање на јавноста и координирање на борбата против ширење на дезинформациите. Групата ќе ја координира министерот за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски и Марјан Забрчанец посебен советник за односи со јавност во кабинетот на премиерот. Таа ќе спроведува едукативна кампања за штетното влијание на дезинформациите, ќе соработува со организации кои се бават со проверка на фактите и водат регистар на изворите кои шират дезинформации, а ќе поттикне и дебата за утврдување медиумски стандарди за интернет-порталите согласно Препораките на ЕК и СЕ.
Владата ќе започне и процес на креирање Национална стратегија за медиумска писменост во чии рамки ќе бидат опфатени и активности на институции, медиуми и граѓанскиот сектор, како и за вклучување на медиумската писменост во образовниот процес.
Предвидено е да се воведат и, како што се вели, јасни критериуми за медиумите кои се акредитирани да ги следат владините настани и прес-конференции во согласност со стандардите на новинарската професија.
На новинарско прашање дали ова значи дека Владата ќе ги едуцира новинарите како да известуваат од владините настани, беше посочено дека не станува збор за едукација на новинарите, туку за следење на стандардите на новинарската професија за време на владините настани.
-Целта е да воспоставиме правичен систем за сите, затоа што ако сакаме да воведуваме правила и европски вредности, нешто што дало резултат во помодерните земји сакаме во оваа бора против лажните вести и кај нас да го применуваме, рече Заев.
Во однос на финансиски средства за спроведување на Акцискиот план, беше нагласено дека средства постојат, но потребата за тоа ќе се утврди низ дебатите и разговорите во институциите, како и со новинарите и сопствениците на медиумите.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Предлог акцискиот план е обид на Владата да воведе цензура на медиумите.
-Прес-конференција на Заев е само уште една потврда дека слободата на говор во Македонија е загрозена, а медиумите се соочуваат со уцени, закани и цензура од власта, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.