Околу 2.400 крвни единици собрани во Велес

Во Велес годишниот план за крводарување  од 1.861 крвна единица, предвреме е реализиран, и до денеска се собрани околу 2.400 крвни единици. Како што потенцира за МИА Орце Николов, секретар на општинската организација на Црвен крст, Велес, ова е резултат на големата хуманост на велешките крводарители кои самоиницијативно и преку бројни акции одлучиле да даруваат крв и да спасат нечиј живот.

Околу 2.000 крвни единици се собрани во станицата за Трансфузиологија во Велес, а остатокот од 400 крвни единици на бројните акции, во фирми, институции, установи, училишта, месни заедници.

Од ООЦК – Велес планираат следните акции за доброволно дарување на крв да бидат на 7 август во СВР Велес и на 10 август меѓу жителите на Градско. На 13 и 14 август во Велес ќе се одржи традиционалната голема хуманитарна акција за доброволно дарување на крв.

Велешките крводарители со години наназад се меѓу најхуманите во земјава, а лани од Црвениот крст на Македонија биле прогласени за најхумани во земјава.