Водата од Тиквешко Езеро може да се користи за капење, рекреација, наводнување и напојување стока

Водата од Тиквешко Езеро може да се користи за капење, рекреација, наводнување на земјоделски површини  и напојување стока. Ова го покажале лабораториските наоди, информираше за МИА доктор Трајче Ризов, специјалист по хигиена, здравје и екологија.

– Согласно на годишниот план за работа, мостри за испитување земаме од две мерни места, кај хидроцентралата и во месноста „Пумпа” во Ресавски залив.  Анализираната вода, според матноста, спаѓа во петта категорија, а по сатурација, во четврта. Мострите покажуваат вода од трета класа според биолошка потрошувачка на кислород, појасни Ризов, кој е раководител на подрачната единица на Центарот за јавно здравје.

Останатите испитани параметри  и бактериската контаминација ја вбројуваат водата од Тиквешко во втора и прва категорија по квалитет.

– Напоменуваме  дека од анализите се заклучува дека водата отстапува од толерираната втора класа во параметри, кои не се одразуваат штетно по здравјето на луѓето, нагласи докторот, потврдувајќи дека на второто по големина вештачко езеро, дозволен е и риболовот.