Концерт на руските уметници Денис Шаповалов на виолончело и Александер Вершинин на пијано вечерва на „Охридско лето“

Музичката програма на годинешното издание на „Охридско лето“ продолжува со вечерашниот концерт на руските уметници Денис Шаповалов на виолончело и Александер Вершинин на пијано.

За маестро Шаповалов познатиот Мстислав Ростропович рекол дека е брилијанен талент, на што треба да биде горд. Она што го издвојува Шаповалов од останатите надарени виолончелисти во светот е неговото комплексно продирање во суштината на делата што ги изведува, неверојатната техника и исклучителна експресивност. Сето тоа било препознаено на 9-тиот Интернационален натпревар „П.И. Чајковски“ во 1998 година кога му е доделена прва награда и златен медал со едногласна одлука од жири-комисијата.

Шаповалов бил постојано прв избор на Маестро Ростропович како солист при настапите со оркестар и тоа во Русија, Велика Британија, САД, како и на неговите фестивали во Азербејџан и Франција. Во чест на 75-от роденден на Ростропович, Шаповалов учествува на концертите во Лондон и Њујорк заедно со прославените Максим Венгеров, Евгениј Кисин, Марта Аргерич, Јуриј Башмет.

Покрај како солист, Денис Шаповалов, гради кариера и настапува и како диригент, одржува мајсторски курсеви и компонира. Неговите дела се одлично примени од критиката и публиката.

Рускиот пијанист Александер Вершинин дипломира и магистрира со почести на Московскиот конзерваториум по што му е доделено професорско место. Веќе 25 години тој предава не само на тој конзерватиориум, туку од 2009 година има своја класа на Универзитетот Сакујо во Јапонија. Како млад пијанист добитник е на неколку значајни награди и признанија – лауреат е (Втора награда) на Првиот интернационален натпревар во спомен на Владимир Хоровиц, а на него му е доделена и специјалната награда за најдобра интерпретација на дело од руски автор. Добитник е и на диплома од XI-от натрпревар „Џина Бахауер“ во Солт Лејк Сити.

Тој е основач и уметнички директор на различни проекти меѓу кои крос-овер фјужн проекстот „Индија во Сино“,  „Класика и џез“,  како и серијата класични концерти со наслов „Историски концерти“.  Неоговото авторско дела „Свита Бајки“ за соло глас, саксофон, џез пијано трио и гудачки оркестар се здобива со одличен прием кај публиката но и кај стручната музичка јавност во Русија.

Концертот е во катедралната црква „Света Софија“ со почеток од 21 часот.