Најмалку десет години затвор предвидува член 313 од Кривичниот законик на РМ за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, за што Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција гони 36 лица во врска со настаните на 27 април во Собранието на Република Македонија.
Членот 313 од Кривичниот законик на РМ предвидува, тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години.
Поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков и повеќе други лица изутринава се приведен по налог на Јавното обвинителство, потврдија за МИА од МВР.
Чавков во моментов е во Кривичниот суд каде дава исказ пред судија на претходна постапка. Од судот за МИА информираат дека во моментов и повеќе други лица се изведени пред судија на претходна постапка кој постапува по писмен поднесок од ОЈО во врска со настаните во Собранието од 27 април.
На 27 април годинава поголема група предводена од здружението „За заедничка Македонија“ кое два месеца организираше протести низ Скопје и другу градови, упадна во Собранието на Република Македонија со цел да го спречат изборот на Талат Џафери за претседател на законодавниот дом.
Според досегашните сознанија на полицијата и обвинителството, упадот се случи кога маскирани лица беа пропуштени од неколкумина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и дел од собраниското обезбедување и влегоа во салата за новинари каде конференција за печат држеше новоизбраниот претседател Џафери.
Насилниците физички ги нападнаа пратениците и новинарите, а со телесни повреди се здобија лидерот на СДСМ Зоран Заев и пратениците Зијадин Села, Оливер Спасовски, Љупчо Николовски, Дамјан Манчевски и Максим Димитриевски. Тие беа удирани со држачи за камера по глава, а врз нив беа фрлано маси, столици и други предмети.
Пратениците беа евакуирани од Собранието со оклопни возила во доцните вечерни часови, а полицијата со шок бомби ги растера демонстрантите од собраниската зграда. Според извештајот на МВР, 70 граѓани, 22 полицајци и тројца пратеници побараа лекарска помош во болниците во Скопје.
Полицијата реагираше три часа по упадот, а тогашниот министер за внатрешни работи Агим Нухиу јавно искажа сомнеж дека директорот на БЈБ Митко Чавков намерно ја попречувал полициската интервенција.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, пак, кој претходно во телевизиско интервју повика на улични протести, за време на настаните во Собранието беше во Виена.
Два дена по настанот, беа приведена неколкумина учесници во нападот на Собранието, меѓу кои вработени во полицијата и армијата, како и поранешни затвореници осудени за тешки кривични дела.
Девет лицата кои влегоа во Собранието беа обвинети за учество во толпа и од судот добија условни затворски казни. Четири години затвор, пак, доби лицето кое ја нападна Радмила Шекеринска.
Поради пропустите на полицијата, од работа беа суспендирани дваесеттина полициски службеници.