Османи: Со правилен таргет, билатералната помош од УСАИД изврши огромно влијание врз демократскиот развој на земјава

Градењето на демократијата во нашата земја врз принципите на владеење на правото, слобода, еднаквост, солидарност, како западни вредности и нивното вградување во нашето мултиетничко општество претставува цел кон која се стремиме и работиме долги години со поддршката токму од УСАИД како наш партнер, но и главен центар за распределба на развојната помош.

Ова денеска го истакнал вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи кој се сретнал со в.д. претставникот на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Гречен Биркл, која му го претставила новоименуваниот претставник на Канцеларијата на УСАИД, Ерик Јановски.

Како што информираат од Секретаријатот за европски прашања (СЕП), Османи истакнал дека присуството на УСАИД има оставено неизбришлива трага во остварувањето на стратешките приоритети на земјава- членството во ЕУ и НАТО.

Османи на почетокот на средбата му честитал на Јановски за неговиот мандат и му посакал успешна работа, изразувајќи надеж за продолжување на плодната соработка во повеќе области, при што на Биркл и се заблагодарил за досегашната соработка.

Тој изразил задоволство и благодарност и за успешното таргетирање на американската развојна помош во земјата, во износ од над половина милијарда долари од независноста до денес, со која биле поставени основите на демократскиот и граѓанскиот развој на Северна Македонија.

Во продолжение на средбата соговорниците изразиле уверување дека соработката меѓу Владата и УСАИД ќе продолжи да се реализира согласно потребите и приоритетите на Северна Македонија и во претстојниот период, кој за земјава е клучен во евроинтегративниот процес, се наведува во соопштението од СЕП.