САД поддржуваат темелна, брза и транспарентна истрага во сите случаи каде што постојат тврдења за корупција и злоупотреба на функцијата. Исклучително е важно, во секој случај со вакви тврдења, тие поединци да бидат повикани на одговарост, а Владата да презема дејствија. Ги уважуваме и ги поздравуваме чекорите што ги презема Владата за ставање крај на корупцијата и во борбата против неказнивоста.
Ова го изјави американската амбасадорка во земјава Кејт Бернс.
– Ние ќе продолжиме да го поттикнуваме премиерот Заев да бара одговорност од сите владини претставници и да гарантира дека без оглед на нивото на функцијата, луѓето треба да имаат доверба во владините институции и тоа што тие можат да сторат за нив, нагласува амбасадорката на САД.
Бернс истакнува дека САД ги следат актуелните случувањата и поддржуваат силно, независно обвинителство и оти е важно да се зачуваат капацитетите на Специјалното обвинителство.
– Тоа ќе им даде јасен сигнал на граѓаните на Северна Македонија и на меѓународната заедница дека Северна Македонија е целосно посветена на унапредување на владеењето на правото. Исто така, тоа е извонредно достигнување важно за процесот на пристапување во НАТО и во ЕУ, подвлече Бернс.
Во однос на скорешното членство во НАТО, Бернс вели дека САД со нетрпение очекуваат да и посакаат добредојде на Северна Македонија како 30-та членка на Алијансата на самиот крај на годинава.
– И како сојузници, очекуваме нашето партнерство уште повеќе да зајакне, поврзано преку нашата заедничка заложба за мир, безбедност и просперитет во овој регион и пошироко. Навистина нема посилна врска од оваa. Значи, чест ми е да ја предводам мисијата на САД во време кое верувам, ќе донесе позитивни промени, вели Бернс.
Истакнува дека ќе има три приоритети за време на нејзниот мандат.
– Ќе имам три приоритети. Првиот е да ја промовирам стабилноста преку силни институции и да продолжам да ги поддржува понатамошните напори на Владата за реформи и за зајакнување на владеење на правото. Вториот, ќе бидам посветена на поддршка на напредокот преку нашите програми за помош, како и преку партнерство со приватниот сектор. Третиот приоритет, секако, е зголемување на нашата заедничка безбедност преку соработка во областа на одбраната, вели Бернс.
Во однос на тоа во која фаза е усвојувањето на Протоколот во американскиот Сенат за членство на Северна Македонија во НАТО, Бернс вели дека САД силно го поддржуваат членството на Северна Македонија во НАТО.
– Календарот на Сенатот на САД можеби е малку непредвидлив, особено во овој период од годината, но се надеваме дека Сенатот на САД ќе продолжи со ратификацијата за НАТО ова лето или на почетокот на есента. Всушност, Северна Македонија се докажа како стабилен партнер во областа на безбедноста. Има колективна волја за поддршка на безбедноста во регионот и веќе покажува дека ќе биде силен сојузник во НАТО. Всушност, минатиот месец, Северна Македонија беше домаќин на вежбата „Одлучен удар“, што завршуваше кога јас дојдов. Оваа вежба е добар пример за тоа како вашата земја веќе придонесува за безбедноста на Алијансата. Тоа покажува дека нашите војници веќе работат заедно за да се справат со идните закани. И очекуваме дека и во иднина ќе има вакви слични вежби и активности како дел од нашата проширена соработка, рече Бернс.
На прашањето дали очекува да има политички дијалог меѓу политичките партии во земјата, вели дека САД ќе продолжат да бидат партнер во тие напори како и досега, и ќе бидат посветени на соработката со сите политички партии, лидерите и граѓаните во земјата за промовирање на позитивен и конструктивен политички дијалог.
– Северна Македонија веќе долго време е стратешки партнер. Веќе 25 години работиме да ги поддржиме аспирациите на Северна Македонија да биде дел од НАТО и ЕУ како стабилна, прогресивна и инклузивна демократија. И како и во секоја демократија апсолутно е критично за политичките лидери да ги поддржуваат реформите што граѓаните ги сакаат. Го очекуваме помошникот државен секретар Филип Рикер да дојде во регионот оваа недела, ќе биде во Северна Македонија кон крајот на неделата, ќе се сретне со луѓе од политичкиот спектар, како и со граѓаните и ќе ги слушне нивните мислења, посочи амбасадорката на САД .