Претседателот Стево Пендаровски денеска изјави дека неговата задача, во рамки на надлежностие што ги има, е да ја намали поларизацијата во општеството. Порача политичарите да бидат согласни околу стратешките цели во економијата, евроатлантските интеграции и меѓуетничките односи.
– Мојата задача е да ја намалам поларизацијата на каков било начин, како што можам, со збор, со постапка, со повикување на луѓето кај мене или со мое одење кај нив. Мислам дека политичките поделби се никогаш подлабоки и никогаш поголеми во нашата историја како независна држава и дека прва задача на секој од нас кој е во одреден временски период на некоја функција, е да ги намалува тие разлики. Секој од нас доаѓа од одредена политичка партија или политички амбиент. Јас не сум член на политичка партија, меѓутоа со години сум застапник на одреден тип на политички идеи и на одреден политички концепт, рече Пенадровски при посетата на Стопанската комора на Македонија.
Посочи дека тоа не смее да го спречува за да разговара со луѓето кои имаат потполно различен концепт од неговиот за развој на државата и додаде оти тоа го прави.
– Досега со некои од нив не успеав да направам контакт, но моја задача е, бидејќи сум платен од вашите пари, тоа да се обидувам да го правам до крајот на мандатот. И тука нема суети, нема повредено его, рече Пендаровски.
Претседателот Пендаровски рече дека мора да се јави кај луѓето кои се актери на политичката сцена и со кои досега не остварил комуникација, а кои, како што рече, се важни за вкупниот амбиент.
– Ќе се обидувам да ги добивам, и јас ќе ги барам и бидете убедени дека ќе направам се во овие пет години од мојот мандат да ги намалам тие тензии, рече Пендаровски.
Тој смета дека барем за неколку работи, кои се стратешки важни за државата не треба да има расправии.
– Прво е економскиот развој. Генералниот концепт на економски развој не смее да биде камен на сопнување меѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и било која друга партија. Северна Македонија мора комплетно да биде интегрирана во евроатлантските интеграции, од вашиот и од нашиот аспект, да не се двоиме. ЕУ е битна, но НАТО е уште побитен како предуслов за безбедност, па понатаму за економски развој. Тука сите партии не смеат да имаат разлики. И една важна работа што придонесува за намалување на поларизацијата е меѓуетничките односи мора да бидат стабилни, смета Пенадросвки.
Според него, политичарите мора да се согласат за овие работи и по овој приоритет – економија, евроатлантски интеграции и меѓуетнички односи. Смета дека тука неговиот придонес може да биде највидлив, односно во разговор со сите важни политички чинители да направат амбиент во државата во кој, како што рече, „нема да се гледаме преку нишанот на пушка за вакви битни работи од кои зависи нашиот живот и животот на младите генерации“.
– За се друго може да се расправаме до утре, и во Парламент и надвор, и со демонстрации, но за ова мора да имаме државен консензус, нагласи Пендаровски.
Шефот на државата смета дека нема да се вратиме во состојбата од пред неколку години или, како што рече, кон тоа ниво на поделби и кон тоа ниво на расправии и кавги.
– Она што го слушаме од политичките партии е вообичаен балкански декор на препукувања, но не можам да видам некакви трендови кои упатуваат кон тоа дека ние влегуваме во нова неизвесност, во некакви безбедносни предизвици и закани кои можат на среден и долг рок да не стават повторно во лоша ситуација. Повторувам, за тоа има голема улога што завршивме две големи прашања особено со Грција и Бугарија и што практично во овој момент немаме отворени прашања со соседите, рече Пендаровски.
Со затворање на овие прашања, со завршување на интеграцијата во НАТО, која очекува да заврши годинава и да ги почнеме преговори со ЕУ, генерално одиме кон стабилизација и кон смирување на состојбите.
Според неговите проценки, ни претстои мира година. – Политичките препукувања, бидејќи е тоа изборна година, ќе продолжат можеби со поголем интензитет, меѓутоа тоа не би смеело да се случува и со сферата на бизнисот. За жал досега се случувало луѓето само за тоа зборуваат, меѓутоа догодина не е изборна година за мене и нема да се занимавам со тоа, рече Пендаровски.