ЦИВИЛ: Потребна е реформа на изборниот систем

 Изборниот систем треба да се реформира и тоа во отворена дебата во која ќе бидат вклучени и помалите политички партии, граѓанските организации и целата јавност, а не за тоа да одлучуваат неколку партии. Земјава треба да биде една изборна единица, без праг, што ќе овозможи застапеност и на помалите политички партии и етнички групи во Парламентот, но оние кои за тоа ќе се изборат самостојно односно ќе ја добијат поддршката на граѓаните, смета граѓанската организација Цивил – Центар за слобода.

Предвремени избори, според ЦИВИЛ, би биле самоубиство за земјата, заради процесот пристапување кон ЕУ и НАТО и спроведувањето на реформите.

Како што истакна на денешната прес-конференција Џабир Дерала од Цивил, спорно е што само најголемите политички партии го одредуваат обемот на реформите во оваа сфера во земјата, додека јавноста, граѓанското општество, експертската заедница и помалите политички партии се оставени на маргините.

Затоа, според Дерала, навреме треба да почне реформата на изборниот систем, преку промена на изборниот модел и донесување нов изборен законик согласно европските стандарди, поради што што тој е менуван десеттина пати. Потребна е и поголема независност на Државната изборна комисија, зајакнување на нејзиниот експертски дел, како и подобрување на изборната администрација за на изборите да биде во служба на граѓаните и нивните права, а не партиска војска, додаде Дерала.

Потребно е, рече Дерала, и искоренуванње на корупцијата во изборниот процес, како и прочистување на избирачкиот список за да може секој граѓанин да го оствари непречено своето избирачко право.

– Се тоа ова ќе го ставиме на документ, како точки и потточки, во кои кои ќе дадеме предлози кои ќе ги доставиме до Владата и Парламентот, како и сите надлежни инстутуции, рече Дерала.

Затоа, смета тој, неопходно е време и земјата не би требало да оди на предвремени, туку на редовни избори.

– Предвремени парламентарни избори за Македонија би биле самоубиство, бидејќи се наоѓаме во средиштето на еден процес кој е извонредно и стратешки важен за земјата, тоа е процесот на пристапување кон НАТО и ЕУ, но и спроведувањето на реформите за завршување на тој процес, рече Дерала.