Натпреварувачката манифестација „Предизвикот на Шар Планина“ покрај за активни спортисти е погодна и за рекреативци со основна физичка кондиција па искачувањето од Тетово до Попова Шапка можат лесно да го изведат. На денешната прес конференција ваков повик упатија организаторите општина Тетово и Здружението за спорт „Прв до врв“. Предизвикот на Шар Планина има три категории: планинско трчање, планински велосипедизам и друмски велосипедизам.
-Добредојдени се да учествуваат покрај спортисите и рекреативци. Не само во велосипедизам туку и во трчање бидејќи планинско трчање не подразбира искачување цело време со трчање туку може да биде и планианррење. Затоа секој со основна физичка подготвеност кој има некаков континуитет во рекреакцијата е добредојден и може да учествува и да ги заврши патеките, изјави Александар Георгиевски, од Здружението „Прв до врв“.
Во сабота 20 јули второто издание на спортско-рекреативната манифестација „Предизвикот на Шар Планина“ (Sharra Challenge), почнува од тетовскиот градски плоштад во 9 часот.
-Оваа активност, покрај натпреварувачкиот карактер, ја носи и пораката за здрав живот, која ние како општинска администрација веќе многу години се обидуваме да ја промовираме преку формални и неформални политики и поддршка на таквите спортски активности.Во овие спортови не постојат типични победници и губитници, но има натпреварувачи кои се потрудиле повеќе од другите и кои ќе влезат во кругот на првите тројца.Спортот нè обединува, ги искоренува предрасудите и нè тера да сфатиме дека сме и можеме да станеме подобри, исто како што сакаме да ги запознаеме другите до нас како добар пример во семејството, меѓу пријателите и во општеството во кое живееме, истакна Ахмед Ќазими, раководител на општинскиот сектор за јавни дејности.
Патеката за планинско трчање долга 10 километри, додека за друмски велосипедизам и планински велосипедизам по 20 километри. Најбрзите се очекуваат на Попова Шапка само по еден час од тргнувањето. Завршниот дел од манифестацијата со прогласување на победници е закажан за околу 13 часот.